ДОМ предупредува дека ОХИС во моментов е активирана бомба, која во секој момент може да експлодира и да настане еколошка катастрофа која ќе го погоди не само Скопје, туку и целата Вардарска долина! Причината се 100–ната тони опасни хемикалии кои се високо токсични, запаливи и експлозивни, складирани во дворот на старата фабрика, кои се едно од историските загадувања во земјава, изјави портпаролката Маја Морачанин.
Новиот момент е што од пред една недела генералниот директор и управниот одбор поднесоа оставка, а сеуште не се именувани нови членови, што значи дека ОХИС е обезглавен, без носители на одговорност за управување со него и без контрола на службите за обезбедување и противпожарна заштита, задолжени за присутните хемикалии.
Конкретно, во кругот на ОХИС, покрај веќе познатиот пестицид линдан, се складирани и други опасни хемикалии, како на пример: 35 тони акрилонитрил мономер, кој може да го уништи целокупниот животински и растителен свет по течението на Вардар; 20 тони активни супстанци за производство на пестициди, кои се многу токсични ако истечат во почвата; 2,5 тони хлор во контејнери со дотраен материјал, па при негово истекување може да предизвика сериозни проблеми по здравјето на луѓето, особено по респираторниот и кардиоваскуларниот систем.
Затоа ДОМ бара Државниот инспекторат за животна средина да изврши итен увид на состојбата и да ги задолжи државните институции да постапат со соодветни мерки и активности за намалување на опасноста од хаварија. Апелираме Владата на Република Македонија итно да направи прераспределба на буџетски средства од непродуктивни трошоци кон решавање на една од жешките еколошки точки, но и кон решавање на егзистенцијалните проблеми на вработените од ОХИС – рече портпаролот Тони Ристов.