ДОМ денеска на прес-конференција по повод вчерашните инциденти во Скопје повика на толеранција, разум и соработка.
– Деновиве сме сведоци на трагични настани. Ни се случува меѓунационална омраза и гнев, уништување на јавни добра. ДОМ повикува на толеранција, разум и соработка помеѓу граѓаните, религиите, партиите, рече претседателката на ДОМ Лилјана Поповска.
Повод за немилите настани, според неа, е сегашен настан, но причината лежи подлабоко, 12 години наназад во конфликтот од 2001. – Треба да бидеме свесни дека и тогаш, па веројатно и во иднина, ќе се разликуваме во оценките на причините и последиците од конфликтот, но она што не спојува е сегашноста и иднината. Веруваме во моќта на дијалогот и ненасилството и бараме спојни точки со другиот, различниот. Сите сме сограѓани и треба да се почитуваме како луѓе, независно од разликите, истакна Поповска.
Таа посочи дека ДОМ се залага за посебна грижа при воспитувањето на младите, кои, како што истакна, треба да ги научиме на толеранција, да ги ослободиме од нашите предрасуди и стереотипи.