ДОМ: Поддршка од Европските Зелени за разврска на кризата

Од:

На заедничката прес-конференција на претседателите на Европските  Зелени и на ДОМ, Лилјана Поповска изјави: „ДОМ стои на ставот дека избори на 5 јуни не може да има, затоа што нема елементарни услови тие да бидат демократски. Сега, со само една пријавена партија, тоа би бил театар на апсурдот, со враќање во еднопартиски систем.

ДОМ смета дека менаџирањето на политичката криза треба да добие нова динамика, за да се избегнат натамошните штети за Македонија. Со оглед на тоа што врвот на владејачката партија е зафатен со играта во театарот и одбива да се однесува рационално, не очекуваме да дозволи ниедно од можните решенија на заплетот: 1. ДИК да заклучи дека нема услови за демократски избори со само една пријавена партија; 2. Претседателот на Собранието да свика седница заради излез од кризата; 3. Уставниот суд да ја поништи одлуката за избори на 5 јуни како неуставна.

Затоа, во една ваква нерационална ситуација, можност да и помогнат на државата имаат пратениците, чиј мандат се уште трае. Може 62 пратеници да свикаат собраниска седница, да ги поништат одлуката за избори и одлуката за аболиција, да формираат техничка влада, да донесат закон за медиуми и одлука за формирање специјално судско одделение и да направат транспарентен и цврст механизам за чистење на избирачкиот список. Со една посветена и сериозна работа, може да постигнеме да се одржат фер и демократски избори наесен, на датум што дополнително ќе се утврди.“

Претседавачот на Европските Зелени, германскиот европратеник Рејнард Бутикофер и се заблагодари на Лилјана Поповска и на ДОМ како партија за гостопримството и за можноста да се реализира оваа комуникација.

Бутикофер истакна дека ДОМ како член на широкото Европско зелено семејство од минатата година е активен партнер и дека е воспоставена успешна соработка. „Во таа смисла, рече Бутикофер, ние имаме и зголемен интерес за она што се случува во Македонија. Сакам да споменам дека ние секогаш го користиме официјалното, уставно име на Република Македонија. Значи ние во редовите на Европските Зелени имаме претставник од Република Македонија“.

Тој смета дека земјата поминува низ политичка криза и оти треба да се донесат одлуки дали таа ќе оди во вистнски правец на демократизација или ќе биде земја со „демократија“ на една партија. Тој нагласи дека секој демократ, секој кој ги поддржува  европските идеали и зачленувањето на Македонија во евроатлантската заедница и посакува европска иднина, треба да се соедини и тие сили да помогнат и да ги засилат своите активности во тој правец.

Европските Зелени се уверени дека ДОМ работи во тој правец и тоа ќе помогне во преговорите со ЕУ, но и во надминувањето на сегашната политичка криза. Тие се убедени дека во преговорите треба да се зголеми бројот од сегашните четири големи партии, со претставници на движењето „Протестирам“ и со други партии како рамноправни партнери.

„Цврсто веруваме дека нема услови за одржување фер избори на 5 јуни и дека тие треба да се одложат  додека не се обезбедат услови за тоа. ЕУ веќе испрати јасна порака дека нема да ги признае изборите на 5 јуни“ – нагласи Бутикофер и додаде дека е неопходно да се повлече аболицијата на Иванов и да се овозможи непречена работа на СЈО без никакви етнички тензии и провокации.

Исто така тој изрази уверување дека демократските сили се способни да најдат излез од оваа криза.

Би можело да ве интересира

ДОМ: Се противиме на промени во урбанистичкото планирање на брза рака

ДОМ: Интеграција наместо сегрегација

Вонреден конгрес на ДОМ – до локалните избори партијата ќе има в.д. раководство

Претседателката на ДОМ поднесе оставка

Горан Наумовски

ДОМ поддржува влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, за продолжување на евроинтеграциските процеси

ДОМ со условена поддршка за Владата

Катерина Ѓуровски