„ДОМ бара одговорност за директорот на затворот Идризово и негова итна смена, поради петте смртни случаи од почетокот на годинава. Тој не смее веќе да ја врши таа функција, зашто е опасен по животот на затворениците, не знае или не сака да обезбеди услови за престој, во кој нема да се нарушува човечкото достоинство, да се кршат човековите права и да се загрозува здравјето и животот на осудените лица.
Според многубројните сведоштва што излегоа на виделина последниве години, затворот Идризово, од казнено-поправна институција е претворен во мачилиште, за луѓе како Кежаровски, Диневски и многу други кои „не се вклопиле“ во актуелната дневно-политичка шема.
ДОМ бара одговорност и од Министерот за правда, како највисок функционер одговорен за функционирањето на затворите, но и за пристап до правдата. Скандалозно е што по се што се обелодени од прислушкуваните разговори, Александар Диневски повторно се праќа назад во занданата. Не се земаат предвид ни фактите, ни здравствената состојба – неправдата продолжува!
Затворот Идризово е само еден сегмент од репресивниот полициско-судско-казнениот апарат, каде потонаа редица луѓе, некои невино, а некои несоодветно осудени. Одговорните лица од Министерството за правда не направија ни чекор кон подобрување на пристапот до правдата и начинот на постапување во казнените установи. Дозволуваат секојдневно да се крши член 3 од Законот за извршување кривични санкции, кој вели: Лицата спрема кои се извршуваат санкциите се лишуваат или ограничуваат во правата само во границите неопходни за остварување на целта на санкцијата.
Не помогнаа ни многубројните укажувања и преставки од Јавниот правобранител во насока на почитување на човековите права.
И сите овие немили настани се дел од причините поради кои ни требаат легитимни и професионални институции, кои, наместо да го загрозуваат, ќе го штитат граѓанинот и неговите права. Само тоа е патот кон стабилна држава“, се вели во соопштението на ДОМ.