Со јавната дебата „Загрозена демократија – авторитаризмот и популизмот во источна и југо-источна Европа“ беше отворена конференцијата за зелените локални политики, што во организација на Австриските зелени се одржува во Виена од 20-22 октомври, со учество на зелени партии од централна и југоисточна Европа.
Од Македонија панелист беше Лилјана Поповска од ДОМ, покрај политологот Иван Крастев од Бугарија, со австриската европратеничка Моника Вана како модераторка. Заеднички заклучок беше дека во цела Европа, но посебно во земјите на источна и југо-источна Европа последнава декада се присутни авторитарни и популистички тенденции, кои сериозно ги загрозуваат демократските поредоци и ги ограничуваат човековите права и слободи.
Во своето обраќање Поповска рече: „По падот на социјализмот постоеше голема надеж и ентузијазам кај граѓаните во тие земји да им се придружат на западните демократии во поглед на човековите права и слободи, па ги демократизираа своите општества и повеќе земји станаа членки на ЕУ. Самата ЕУ беше посветена на процесот на евроинтеграција и преку примена на своите критериуми влијаеше врз подигање на демократските стандарди во поранешните социјалистички земји. Но кога ЕУ го изгуби интересот за овој стратешки процес, а посебно откако целосно ги затвори вратите за преостанатите земји од Западен Балкан, кои беа веќе влезени во интеграциите, тоа стимулираше редица регресивни процеси. Овие земји, оставени без надеж за влез во ЕУ во скора иднина, беа плодна почва за развој на авторитаризмот, популизмот и корупцијата. Во моментов е голем проблем што Европа престана да ја игра позитивната улога и да биде позитивен модел, со сите случаи на процут на десните екстремисти во самите земји членки. Но, јас мислам дека и ова е само една фаза од развојот на Европа, која ќе се надмине, зашто паралелно со негативните трендови, се случува и граѓанска мобилизација за заштита на европските вредности за демократија, социјална правда и човекови права.“