Разврската на политичката криза треба да оди со дијалог помеѓу власта и опозицијата, преку паралелни судски и политички процеси. Да започне со оставка на јавниот обвинител, влез на опозицијата во Парламентот и избор на нов обвинител со политички консензус.
Ова е еден од заклучоците од денешната седница на Централниот одбор на Демократската обнова на Македонија (ДОМ) во однос на актуелната политичка ситуација во Македонија.
– ДОМ ќе побара објаснување од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ за содржината на снимките што ги објавува опозицијата, на кои се зборува за кршење на принципите на правната држава, човековите права и слободи и за незаинтересираноста да се реализира еколошкиот програмски пакет на ДОМ, договорен пред парламентарните избори 2014, соопшти ДОМ.
Партијата на Лилјана Поповска го осудува и, како што стои во соопштението, „најновиот скандал на судско-обвинителниот апарат во случајот со Музејот на Македонија“, за кој ќе бара ревизија и рехабилитација на, според ДОМ, невино осудените високостручни кадри.
– Најавуваме предлагање серија измени во правосудното законодавство за да се обезбеди пристап до правдата, без нелогично долги притвори и процеси, драконски казни и игнорирање на доказите. Целта е да се ослободи судството од неодговорни и неуки поединци, кои работат по политички диктат, информира ДОМ.
Партијата ќе изгради став за натамошно дејствување преку широка консултација со членството и состаноци со општинските организации.