„ДОМ предлага да се повлече етничката платформа од преговорите за формирање Влада, во општ интерес, за да се овозможи мирна институционална разрешница на политичката криза. Истовремено апелираме на коректност и воздржаност во изјавите на сите политичари во овој период, зашто ситуацијата е запалива. Ги осудуваме сите изјави кои содржат говор на омраза и понижување кон било која етничка група, народ или држава.
Т.н.-та Платформа на албанските партии по изборите накалеми нова, етничка криза, на веќе постојната политичка криза. И независно кој и каде го напишал текстот, тој е провокација и дел од регионална игра. На предлагачите им послужи за подигање на рејтингот, но реално направи огромна штета за меѓуетничките односи, за граѓанската кохезија и за регионалната стабилност.
Платформата направи јаз меѓу граѓаните, како удар со секира! Како да беше направена за да им се одмазди и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, поради намалениот број мандати на етничките албански партии. Создаде практично невозможна преговарачка позиција за било кој мандатар, по што логично се поставува и прашањето: Дали воопшто некој од предлагачите посакува формирање Влада и стабилизација на земјата, или има друга агенда?
Македонскиот мултикултурен образец, со заштита и почитување на правата на сите заедници во земјава, беше вграден во Уставот со Рамковниот договор, кој беше мировен договор. Ако сега се поставуваат барања, кои одат во насока на промена на Уставот и редефинирање на државата, логично е граѓаните да се исплашени дека некој посакува конфликт во Македонија.
Затоа мора прво да си ја вратиме довербата со отстапка од нереални барања. Впрочем, политиката е умешност на можното“, се вели во соопштението на ДОМ.