Докторката од „Идризово“ си тера по нејзино: Ниту јавниот аларм не ја натера да му даде терапија на Боки 13

Од:

Јулијана Ангелова е домскиот доктор кој и покрај јавните алармирања од страна на адвокатот Владимир Туфегџиќ, го остави Бојан Јовановски-Боки 13 без медицинска терапија. Никој од здравствените власти, не го контактирале адвокатот, откако тој обзнани дека Боки 13 не добива терапија, ниту е однесен на болнички контроли. „А1он“ се обиде да добие одговори од доктор Ангелова, која не ординирала соодветни медикаменти согласно отпусното писмо од болницата каде се лекуваше Боки 13, но таа молчи на прашања дали чувствува одговорност за нејзините постапки и дали ќе гледа вина кај неа ако затвореникот дополнително има влошена здравствена состојба.

Докторката Ангелова, не најде простор за одговор и на прашањата зошто не му дава терапија на Боки 13, на кого му е препишана од докторите кои го лекуваа во св. Наум Охридски. Беше прашана и дали денеска е на работа во затворот „Идризово“, како и дали го прекршува Законот за здравствена заштита, но, таа ја игнорираше пораката од „А1он“.

Освен новинарските прашања, домската докторка Ангелова го игнорира и Боки 13. Неговиот адвокат посочува дека затвореникот и денеска нема добиено терапија. Дополнително, нема одговор ниту на претставката до неа, за непостапување, со што, ги повредува законите.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ посочува дека ваквото постапување од докторката е нехумано и нечовечко, со што се прави повреда и на Европската конвенција за човекови права.

„Од страна на здравствените власти до кои согласно законот поднесов поплака до ЈЗУ Здравствен дом Скопје и претставка до Министерството за здравство, до овој момент не сум контактиран но верувам дека се постапува во законски утврдените рокови за постапување, во рок од 8 и 15 дена. Сознанијата за фактот дека од 29.09.2022 година на Бојан Јовановски не му се овозможува задолжителната здравствена нега и терапија ги имам од неговото семејство како и од лекарите специјалисти од ЈЗУ Универзитетска клиника за хирушки болести Св.Наум Охриски кои можат да потврдат дека од 29.09.2022 година лицето не е примено на редовна контрола еднаш во неделата. Запознат сум дека Бојан Јовановски лично на ден 19.10.2022 година писмено се обратил до домскиот лекар д-р Јулијана Ангелова со барање писмено да му се одговори зошто не му се овозможува задолжителната здравствена нега и терапија. За погоренаведените состојби навремено е известен судот во текот на постапката по барањето за времен прекин на издржување на казната затвор“, вели адвокатот Туфегџиќ за „А1он“.

По објавата за состојбата на Боки 13, само од Управата за извршување санкции пројавиле интерес за состојбата на затвореникот.

„Имено, по известувањето од моја страна за нечовечно и нехумано постапување, повреда на член 3 од ЕКЧП, поради неприменувањето на задолжителниот строг хигиено диететски режим на исхрана, задолжителната терапија и непостапувањето за задолжителна контрола еднаш во неделата, директорот на управата за извршување на санкциите веднаш оствари контакт со мене како бранител и остваривме средба на која пројави интерес за сложеноста на состојбата и можните сериозни последици и се заложи дека ќе превземе се што е во рамките на неговите законски ингеренции и надлежности“, додава Туфегџиќ.

„А1он“ за постапувањето на докторката од „Идризово“ очекува одговори и од Министерството за здравство, како и од, Здравствен дом-Скопје.

Боки 13 беше и претепан во затворот. Неговото семејство за „А1он“ посочија дека има хематоми, рани, крвни подливи. Ова било и констатирано во болница. Дополнително, неговото здравје е нарушено уште претходно, а состојбата според докторите е животнозагрозувачка ако тој не се третира на начин како што налагаат тие.

Би можело да ве интересира

Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, случајот се враќа на повторно судење

Одбраната на Боки 13 бара укинување на пресудата за „Меѓународен сојуз“

Бојан Јовановски: Со оваа здравствена состојба не можам да бидам во затвор

Боки-13: Прво селфи во слобода по четири години затвор

Горан Наумовски

Боки 13 пуштен на слобода: Затворската казна во прекин поради лошата здравствена состојба

Александар Тодески

Боки 13 уште е во болница, Апелација ја одложи јавната седница за „Меѓународен сојуз“

Катерина Ѓуровски