Дојран ќе добие терени за голф

Од:

Следната недела граѓаните на општина Дојран ќе имаат можност да учествуваат во јавната расправа за стратегиска оцена на животната средина за изградба на голф-терени во местото викано Судино, катастарска општина Сретеново.

Површината на планскиот опфат изнесува 87,9 хектари на локалитетот западно од населеното место Сретеново во Стар Дојран, а се наоѓа на надморска височина од 196 до 284 метри, на терен со падови, во атарот на местото викано Судино, јужно од градот Дојран, југозападно од Дојранското Езеро, а на еден километар западно се наоѓа границата со Република Грција.

Поголемиот дел од површината на планскиот опфат од 60 хектари е наменет за терените за голф. Големата распространетост овозможува да се маркираат 18 дупки за погодоци, со што се задоволуваат светските стандарди за да може терените да бидат место на одржување на меѓународни турнири. На највисоката кота од планскиот опфат, со визура на терените за голф и Дојранското Езеро, планирана е изградба на хотелски комплекс. На северната страна од локацијата, која се простира во пад кон Дојранското Езеро, плански се распоредени плацеви од по 1.000 метри квадратни за изградба на луксузни вили.

dojran golf tereni1

Нацрт-урбанистичкиот план наменет за изградба на голф-терени е веќе донесен од страна на Советот на општина Дојран, но со донесувањето на Стратегиската оцена за животна средина се исполнува условот тој да добие верификација и од надлежните министерства за транспорт и врски и животната средина и просторно планирање, што е еден чекор повеќе до утврдувањето на планскиот документ и негово капитално заживување на теренот.

Стручњаците велат дека терените се според светските стандарди, какви што нема во соседните држави, освен во Бугарија, со вклучена висококвалитетна вилна населба и објекти со комерцијално-деловна намена, односно хотелски комплекси. Оваа определба има релевантно влијание врз економската валоризација на урбанистичките решенија дефинирани во урбанистичкиот план, со самиот факт што се очекува привлекување на странски инвеститори и туристи од целиот свет, љубители на овој спорт и на прекрасните природни богатства што ги има овој предел, со директни и индиректни економски ефекти.

На опфатот на овој урбанистички план надвор од населено место, нема изграден градежен фонд, но постои изградена комунална инфраструктура на околниот простор, со што се овозможува планскиот концепт максимално да ги почитува просторните и природните услови на теренот.

Јавното изложување на Стратегиската оцена за влијанието врз животната средина е закажана за 13-ти овој месец, на која се очекува заинтересираната јавност и правните субјекти да се произнесат во врска со планот и со развојните можности на општината преку реализација на овој плански документ.

А.Д.

Би можело да ве интересира

Земјотрес почувствуван утрово во Дојран

Изгаснат е пожарот кај Стар Дојран

Горан Наумовски

Ветрот не дозволува да се стави под контрола пожарот кај Стар Дојран

Пожарот во Дојран брзо се шири, градоначалникот бара помош и вели веројатно е подметнат

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Пожар во Дојран: зафатени три куќи, се евакура населението

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Поради пожарот на Богородица/Евзони, возилата се пренасочуваат на Дојран

Катерина Ѓуровски