До ДИК досега пријавени 214 гласачи со спорни записи

Од:

До денеска до 14 часот 214 граѓани, од вкупно 29.858 чии записи по извршените вкрстени и теренски проверки останале неконзистенти, побарале запишување во Избирачкиот список, информира Државната изборна комисија.

Од пријавите за запишување во списокот на 214 граѓани, 161 пријава е прифатена, една е во обработка, а 52 се во фаза на разгледување.

Комисијата информира дека во тек е и пријавувањето за гласање на претстојните избори за граѓаните од странство. Заклучно со денеска до 14 часот преку веб апликацијата на ДИК поднесени се вкупно 5.909 пријави од граѓани за гласање во странство. Од нив, 5.379 пријави се прифатени, 132 се одбиени, а останатите се во обработка.

ДИК напоменува дека најголем дел од одбиените пријави се одбиени од причина што граѓаните наместо документ издаден од надлежен орган на странската држава, како доказ во својата пријава приложиле документ издаден од орган на Република Македонија.

Од Комисијата ги потсетуваат граѓаните дека документи кои се прифаќаат како потврда за докажување на привремен престој во странство повеќе од три месеци или за привремена работа или престој во странство повеќе од една година се лична карта, издаденa од надлежен орган на странска држава, потврда издадена од надлежен орган на странска држава, за живеалиште, престој или адреса на лицето во странската држава, дозвола за работа издадена од надлежен орган на странска држава, работна, студентска или виза за престој над три месеци во странска држава, возачка дозвола издадена од надлежен орган на странска држава, во која е наведено дека лицето има живеалиште во странската држава или македонски дипломатски пасош или друг документ со кој се докажува дека лицето е вработено во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство односно конзуларните канцеларии, како и друг документ со кој се докажува дека лицето е на привремен престој во странство повеќе од три месеци, или на привремена работа или престој во странство повеќе од една година.

Во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК низ државата до вчера до 19:00 часот, јавен увид во Избирачкиот список извршиле вкупно 1.358 граѓани.

Државната изборна комисија потсетува дека во моментов ги спроведува пријавувањето за гласање на државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, јавниот увид во Избирачкиот список, како и пријавувањето на 29.858 граѓани за запишување во Избирачкиот список. Рокот за завршување на овие изборни дејствија е до 24 часот на 11 ноември.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар