Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 50-та седница оформи постапка за испитување на имотната состојба на поранешен министер, поради утврдување на несрезмерно зголемен имот. Исто така, беа изгласани предлози до Комисијата за прекршоци во ДКСК за прекршочни мерки за неколку поранешни и сегашни функционери, поради прекршување на обврската за доставување на анкетен лист за утврдување на имотната состојба.
Овие предмети се оформени врз основа на годишен план за проверка на имотната состојба од 2019 и 2020 година.
Предлог за прекршочна пријава, ДКСК денеска изгласа против поранешна в.д. директорка во здравствен дом, чиј што мандат е завршен на 15 ноември 2019 година, и истата нема поднесено анкетен лист за имотната состојба. Изгласани се предлози за прекршочни пријави против сегашниот в.д. директор на овој здравствен дом, затоа што тој во два мандати нема поднесено анкетни листови, ниту за време на престанок, ниту за избор на функцијата.
На денешната седница утврдено е дека и поранешната в.д. директора и актуелниот в.д. директор извршиле прекршоци утврдени со членот 82 од Законот за спречување на корупцијата.
ДКСК изгласа и предлог до Комисијата при ДКСК за прекршок против вршител на должност претседател на Основен суд поради недоставување анкетен лист при престанок на функцијата, а предметот по овој случај останува отворен.
Предлог прекршочна пријава е изгласана и против поранешна претседателка на Апелациониот суд во Битола, која е разрешена на 22 јуни минатата година, а нема поднесено анкетен лист за престанок на функцијата.
Претходно таа, иако доцнела четири дена, за именувањето има поднесено лист, па согласно Законот за прекршување, ДКСК нема основ да поднесе прекршочна пријава. Побарани се податоци за членовите на семејството и од податоците нема несразмерно зголемување на имот или непријавен имот.
И за поранешен претседател на Апелациониот суд во Гостивар е изгласан предлог за прекршочна пријава поради неподнесување на анкетен лист за именување на функцијата.
Во однос на анонимна пријава во која се изнесени одредени наводи од електронски медиуми во врска со поранешно службено лице, за кое се укажува дека има стекнато имот преку нелегални актвности односно преку рекет, криминал и злоупотреба на позициите кои ги извршувал, ДКСК одлучи да го затвори предметот, а пријавата да ја достави за надлежното постапување до МВР.
За заменик претседател на Државната комисија за спречување на комисијата е избран Горан Трпеноски. Неговата функција ќе стапи во сила на 12 август оваа година. Изборот на заменик претседател на ДКСК, според деловникот се менува на секои шест месеци, по азбучен ред.