Џебна енциклопедија на македонски револуционери

Од:

„Џебна енциклопедија на македонски револуционери“ од Славчо Ковилоски беше промовирана денеска во Музејот на македонската борба. Опфатени се личности кои учествувале во основањето на Македонската револуционерна организација во 1893, учесници во Илинденското востание и периодот на Балканските војни во 1912/1913 година.

Таа е скратена верзија од публикацијата „Македонија – кратка енциклопедија револуционери“ која авторот ја објави минатата година.

– Таа енциклопедија содржеше 1.018 револуционери и над 500 фотографии, а оваа е скратено дело со околу 400 револуционери и исто толку фотографии. За разлика од првата, која е повеќе за академски кругови, џебното издание е за поширока намена. Идејата беше револуционерите да не се прикажат црно или бело, туку со сите мани и доблести што ги имале. Користена е најчесто мемоарска литература, со цел да се долови атмосферата во која живееле. Биографиите содржат описи на нивниот надворешен изглед, но и описи на нивните карактери. Целта беше повеќе да се претстави човечкото во нив, со сите добри и лоши карактеристики, а не да биде само фактографско издание, изјави авторот Ковилоски, кој е историчар и главен и одговорен уредник на списанието „Современост“.

„Современост“ и „Урбан Институт – Скопје“ се издавачи на книгата во која авторот, како што рече, се трудел да бидат рамномерно застапени револуционери од целата етногеографска територија на Македонија. Додаде дека особено внимание им посветил на жените-револуционери и педесетина од нив се опфатени во џебната енциклопедија.

Наташа Котлар-Трајкова од Институтот за историја и рецензент на книгата на промоцијата рече дека авторот имал строга цел „од патината на времето и од опасноста на заборавот“ да ги извлече личностите кои оставиле белег во македонската историја и преку нивните биографии да се проследат важни случувања.

– Иако е џебно издание, оваа енциклопедија има цел да не направи помудри и да не запознае со реалноста во нашиот историски корпус… Нашиот однос кон минатото го одразува нашиот однос кон општеството, рече Котлар-Трајкова.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ