Во Клубот на пратеници се одржа средба на директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи, Даријан Сотировски и челниците на цркви, верски заедници и религиозни групи регистрирани во Република Македонија.
На средбата се разговараше за идната соработка како и за сите потешкотии со кои се соочуваат недоминантните верски заедници во државата, како и за компаративните искуства во Европа и светот.
Директорот Сотировски истакна дека во современи услови, човекот е исправен пред различни предизвици кои често го уништуваат неговиот вредносен систем, што се одразува и врз сите општествени текови; токму затоа, сите цркви, верски заедници и религиозни групи играат подеднакво важна улога во духовна, но и во етичка смисла. Државата мора да ги гарантира неприкосновените човекови права на убедување и припадност на секој еден граѓанин, кој пак има право на слободен избор на вероисповест и заедница.