СДСМ укажува на вчерашниот , како што велат, експериментот и циркусот на министерот за здравство Никола Тодоров, кој објави оглас за генијалци.
Ова, велат, иако во најголем дел служи за забава на социјалните интернет мрежи, во суштина прикажува дискриминација по неколку основи и несериозност на министерството, која веќе стана тема за потсмев и во меѓународните медиуми, како што е „Вашингтон пост“ и „Асошиетед прес“.
Во својот оглас за генијалци, министерот Тодоров, повикува на ангажман лица со коефициент на интелигенција над 140, и просек над 8.0 постигнат само на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Министерот, рече Менде Диневски, со ова прави дискриминација по основа на образование и предност им дава само на студентите од скопскиот универзитет, притоа деградирајќи ги државните универзитети во Битола, Штип и Тетово, како и сите останати приватни универзитети во Република Македонија, наместо да ги стимулира оние кои со труд и работа постигнале успех во своето образование, кои станале магистри, докторирале и слично, тој поставува услов на вродена интелигенција, што претставува директна основа за дискриминација.
„Она што секако останува неодговорено е колкав коефициент на интелигенција имаше генијалецот, кој го смисли проектот за дефибрилатори, кој очигледно се претвора во уште една пералница на пари, или пак колкав коефициент на интелигенција е потребен за да се презентираат душеците кои дишат двострано, како најнов изум на технологијата и науката?И кога конечно ќе одговори министерот Тодоров, зошто ЈЗУ на конкурсите за вработување на лекари не ги примија токму оние кои беа највисоко рангирани на листите по завршувањето на тестовите, иако тоа беше ветено од нивна страна“, праша Диневски.
„Можеби попаметно ќе беше Министерот Тодоров, да предложи проект, со кој сите министри од владата ќе полагаат тест на интелигенција, а нивните резултати ќе бидат јавно објавени на веб страната на владата. Така барем забавата за социјалните интернет мрежи ќе беше поголема и сите ќе ги исчекуваа резултатите од генијалците во владата.Затоа го повикуваме министерот Тодоров, да покаже дека има доволно капацитет, или според неговите критериуми доволно интелигенција, да сфати дека направил превид и да го повлече огласот за генијалци. Во спротивно, покрај фактот што воведува дискриминација во работењето на Владата, со ваквите егзибиции целосно го нарушува угледот на Министерството за здравство“, вели Диневски.