Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Западен Балкан и министрите за надворешни работи од групата „Пријателите на Западен Балкан” (Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и Словенија) во процесот на проширување на ЕУ, што се одржа во Рим, на покана на вицепремиерот и министер за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани.
Димитровски учествуваше со свое обраќање на двете работни сесии, „Зачувување на нашата заедничка сигурност и безбедност: зајакнување на соработката со Западен Балкан“ и „Забрзување на пристапот на Западен Балкан во ЕУ: заеднички приоритети за патот напред“.
Тој истакна дека Северна Македонија е докажан партнер во соработката со Европската унија кога станува збор за безбедноста, сигурноста и одбраната. Апострофираше дека, како земја што се стреми кон полноправно членство во Европската унија, подготвени сме да продолжиме да придонесуваме во адресирање на сите предизвици со кои се соочува континентот и преку нашиот пат до членство да придонесеме за посилна Европска унија. Ги изнесе и нашите очекувања од Унијата да ја усогласи оваа наша посветеност и решителност со силни одлуки и предвидлива патека за процесот на пристапување. Од исклучителна важност е Копенхагенските услови да бидат главен критериум за полноправно членство во ЕУ, а не билатералните прашања со земји членки на ЕУ, особено оние од историски и идентитетски карактер.
Димитровски нагласи дека за регионот на Западен Балкан не постои друга одржлива алтернатива освен полноправното членство во Европската унија. Потсети дека нашата земја вложила исклучителни напори во изминатите 20 години во процесот на пристапувањето, за да се доближи поблиску до посакуваната цел. Тој изрази благодарност до земјите-членки на Унијата и пријателите на Западен Балкан, како и до европските институции, за нивната конзистентна поддршка за што побрза и целосна интеграција на регионот во Унијата.