Вистинскиот крај на кризата завршува со одговорност за нелегалното прислушување, но извршната власт не е таа што може да обезбеди одговорност, туку судството, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров.
– Она што може да го направи извршната заедно со законодавната власт во контекст на прислушувањето, но и за 27 април, е да обезбеди нов модел што ќе спречи кој било што е во позиција на власт да сака да ја злоупотреби машнеријата на пруслушкување да не врши. Тоа е дел од Планот 3-6-9 и тоа ќе го сработиме, рече Димитров на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата на Луксембург Жан Аселборн.
Во однос на спорот за името, Димитров истакна дека не може да зборува за конкретен компромис бидејќи процесот беше во застој неколку години, а сега повторно ќе отпочне, но во еден контекст на градење довербата меѓу двете држави.
– Мојата порака за Атина е препознајте го овој момент. Добро ќе биде и за Грција доколку Република Македонија стане стабилна, нормална, просперитетна европска демократија во која што има владеењена правото и слобода на медиумите, рече Димитров.
Одлуката за отворање пристапни преговори во Брисел се носи едногласно, потсети Аселборн и изрази мислење дека познавајќи ги новата влада во Скопје и политичкиот момент во Грција решението за името не е невозможно.
– Им преостанува на Нимиц и двете земји да го решат тоа. Ако се исполни ова можно е да почнеме за две-три недели, вели Аселборн.
Проширувањето кое не е многу популарно во моментов во Европа, која е соочена со низа предизвици, е процес што мора да продолжи оти земјите од Западен Балкан не треба да бидат оставени сами, во спортивно, оценува Аселборн, ЕУ ќе направи голема грешка.
Прашан колку кредибилно може да се поддржи проевропска влада тука, кога европски политичари ја поддржуваат партијата на Груевски на претстојните избори, Аселборн кажа „јас не сум Виктор Орбан“, додавајќи дека има големо мнозинство луѓе кои сакаат да донесат стабилност во регионот на Балканот.
– Јас не сум тука да бранам партиски политики, туку да бранам начела, порачува шефот на дипломатијата на Луксембург.
Во финална фаза е првата рунда на пополнување на амбасадорските места во која е и позицијата амбасадор во Брисел, посочи Димитров, и без да каже имиња, нагласи дека акцентот при изборот е ставен на мерит и кариерни дипломати.