Министерот за надворешна политика Никола Димитров, кој престојува во работна посета на Брисел, денеска во Центарот за европски политики ги претстави реформските приоритети на новата македонска Влада.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Димитров истакна дека интеграцијата во ЕУ претставува наша клучна стратешка цел и дека реформските приоритети зацртани во Планот 3-6-9 се доказ за нашата детерминираност во нејзиното остварување.
– Овој план е всушност патоказ кој предвидува конкретна динамика на активности кои треба да овозможат дофатлива европска перспектива. Истовремено, овој план претставува лакмус-тест за политичката волја и капацитет да се исправиме пред предизвиците и да фатиме приклучок кон возот на ЕУ кој не одминува. Нашите потфрлувања треба да бидат нотирани, но нашите успеси треба да бидат вреднувани. ЕУ може да направи квалитативен исчекор и разлика во регионот. За да успее во таа цел, мора да понуди „стап” кога ќе потфрлиме, но и „морков” кога ќе заслужиме. Во меѓувреме, мора да останеме искрени и при наградувањето и при критикувањето. ЕУ треба да демонстрира лидерство во политиката кон Балканот. Тоа е и можно и нужно затоа што местото на Балканот е во ЕУ, истакнал министерот Димитров.
Тој додаде дека новата реформска влада е ориентирана кон иднината.
– Ние мора да градиме нов имиџ на модерна демократска држава, во која институциите постојат за граѓаните, а не за елитите, а словото на законот важи подеднакво за сите. Реформите дома, се нашиот најсилен аргумент за издржаноста на нашето ЕУ досие во Брисел и кај државите-членки, рекол Димитров
Во соопштението се посочува дека во рамки на посетата Димитров одржал брифинг со COREPER амбасадорите и постојани преставници на земјите-членки во Брисел. На средбата министерот го елаборирал Планот 3-6-9 и изразил надеж дека со неговата реализација ќе се отстранат забелешките за застој на реформите во изминатите неколку години.
Имплементацијата на мерките, како што стои, ќе биде солидна основа за натамошните дискусии во Советот на ЕУ за унапредување на пристапниот процес на Република Македонија. Амбасадорите ја поздравиле реформската агенда на новата Влада и изразиле надеж дека ветеното ќе биде испорачано.
Министерот Димитров утре ќе ко-претседава со Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и РМ заедно со високиот претставник на ЕУ и потпретседател на Европската комисија Федерика Могерини, а на кој учествува и заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Бујар Османи и еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан.