Кандидатот за градоначалник на Куманово од редовите на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска уште еднаш најави нов уреден јавен простор во корист на граѓаните од оваа општина. На локацијата Табакана кај булеварот „Октомвриска револуција“, нема да се дозволи изградба на нова зграда, туку таму ќе никнат нов бесплатен паркинг за локалното население , како и парк со детско катче.
– Иако во минатото некој предвидел во Деталниот урбанистички план за оваа локација да се гради зграда, јас како иден градоначалник на Куманово нема да го дозволам тоа. Сите овие времени објекти ќе бидат дислоцирани, дополнително ќе биде изграден нов паркинг простор којшто ќе биде бесплатен за сите кои што живеат на во околината и дополнително детско катче и нови зелени површини,“ изјави Димитриевски.
Тој додаде дека е време да се стави крај на, како што рече, „урбано градежните групации“ кои сакаат да го урбанизираат, поточно бетонизираат секој слободен простор во Куманово.
– Мора да кажеме стоп на урбано градежните групации кои што сакаат да го урбанизираат секој простор во нашиот град со никнување на нови бетонски градби, рече Димитриевски.
Максим Димитриевски во својата видео порака побара од поддршка од граѓаните заа во вториот круг од изборите, што треба да се одржи на 2 ноември.
– Ве повикувам масовно да излезете и да ми дадете поддршка во вториот круг бидејќи Куманово заслужува да продолжи да расте, да се развива, а дојде времето да се средува и централното градско подрачје, конкретно булеварот Октомвриска револуција, негово пробивање, изградба на нов кружен тек и уште многу други содржини во централно градско подрачје, порача Димитриевски.