Претседателот на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски денеска во изјава за медиумите истакна дека очекува победа на неговата партија во општините каде ќе имаат свои кандидати за градоначалници.
-Очекувам победа на сите кандидати на ЗНАМ во сите општини каде што ќе имаме свои кандидати, бидејќи ќе излеземе со најдобрите понуди. Ако не повеќе, ЗНАМ може да се пофали дека знае успешно да менаџира со своите кадри во локалните самоуправи каде што менаџира, каков што е случајот во Куманово. И без разлика на празните обвинувања, бидејќи ги разбирам, доаѓаат од опозицијата кои се во паника во недостаток на аргументи мора да има празни обвинувања, но ние сме посветени на работењето. Ќе имаме свои кандидати кои ќе ги потврдат тие резултати. Од граѓаните ќе излезат идеите за реализирање на локалните проекти кои ќе бидат ставени во предизборните програми токму на предлог од граѓаните, рече Димитриевски по завршување на вториот Конгрес на партијата.
Најави дека во следниот период ќе имаат средби со граѓаните за составување на изборните програми.
Димитриевски нагласи дека во моментов течат разговорите со коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на кандидатите за градоначалници и изрази уверување дека ќе биде постигнат договор.
Потенцира дека ЗНАМ ќе има свои кандидатски листи во сите општини во Македонија каде имаат нивни општински организации, но, како што рече, се отворени и за други кандидати да ги промовираат како свои под услов да ги почитуваат програмските определби на Движењето.
-Како и да е, ЗНАМ ќе има свои кандидатски листи во сите општини во Македонија каде има општинска организација. Отворени сме и за кандидати кои што сакаат да се стават на располагање во името на партијата во оние општини каде што немаме општинска организација, да ги промовираме како наши кандидати доколку ги почитуваат правилата и програмските определби на ЗНАМ, рече Димитриевски.
Тој истакна дека се уште немаат разговарано со другиот коалициски партнер во Владата, Влен, за взаемна поддршка на кандидатите за градоначалници.
-Се уште немаме разговарано за взаемна поддршка со Влен. Сметам дека соработката со Влен оди во една позитивна насока. Но, сепак ние владината програма и нашата партиципација на овие избори ја усогласивме со најголемиот владин партнер, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, рече претседателот на ЗНАМ, Димитриевски.