Димитриев: Единствен излез од кризата се изборите

Од:

Денешниот голем празник не потсетува на минатото но и не поттикнува да размислуваме за иднината на нашата држава. Значајноста и тежината на делата на илинденската и асномската генерација ја создаваат одговорноста на нашата генерација за иднината на државата. Тоа е одговорност и кон нашите предци и кон нашите идни генерации. Одговорност која сама по себе носи многу значајна тежина, затоа што кога станува збор за Македонија, одговорноста треба да биде најголема, посветеноста – најсилна, работливоста – беспоштедна а духот – нескршлив. Само така, и со силно единство наместо со надворешни замешателства, можеме да продолжиме да чекориме по патот на развој и просперитет на нашата татковина и да го исполниме аманетот на нашите предци за борба за Македонија, рече во обраќањето од Мечкин Камен, премиерот Емил Димитриев.

Затоа, денес од Мечкин Камен повикувам на добра мисла и добра намера, на единство на сите расположливи капацитети во државата во процесите за развој и просперитет на нашата татковина… Обединување на сите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци, на сите христијани и муслимани, бидејќи ова е наша држава. Бидејќи ова е држава на нашите деца и внуци. Повикувам на искрено единство кога станува збор за државните интереси и државните приоритети, кои никогаш не смеат да бидат ставени зад партиските приоритети или личните желби на некој политичар или група на луѓе. Повикувам на конструктивност на секој фактор и ја осудувам деструктивноста која некој сака да ја наметне како систем на делување. Ние сите треба да градиме, да создаваме дела и вредности, а поривот за рушење и критика на се, треба да биде потонат и енергијата да ја фокусираме на спроведување на реални проекти кои го подобруваат секојдневието на граѓаните.

Таков пристап и искрена волја ни е посебно потребна во овие моменти кога државата подолг временски период е вовлечена во политичка криза од која мораме и можеме да излеземе посилни. Оваа политичка криза не му одговара на никој што и сака добро на државата и истата создава одредена несигурност кај граѓаните која се рефлектира како на секојдневното живеење така и во стопанството. Политичката криза не може и не смее да биде период кој што ќе трае во недоглед и кој ќе нанесува штетни последици за државата, како дома така и во странство. Затоа треба да покажеме добра волја и свесност за излез од политичката криза, покажувајќи со тоа и свесност и желба за враќање на државата во нормалниот колосек и целосно посветување на работа насочена кон реализација на проекти и дела во интерес на граѓаните. Кон целосно фокусирање на решавање на проблемите на граѓаните но и кон целосно посветување на исполнувањето на нашиот врвен приоритет за целосна интеграција во НАТО и Европската Унија, односно добивањето на полноправно членство во НАТО Алијансата и отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ, за што имаме и политички консензус и доволно сработено и реализирани реформи и докажани капацитети.

Токму затоа денес сакам да упатам апел за свесност и совесност во процесот на разрешувањето на политичката криза и излез од истата, во кој единствен приоритет треба и мора да бидат државните интереси и интересите на граѓаните.

Таквиот излез од наметната политичка криза е единствено возможен со одржување на избори на кои граѓаните на Република Македонија ќе донесат одлука која секој политичар и секоја политичка партија мора да ја почитува. Бидејќи тоа е вредноста на демократијата. Бидејќи така е секаде во светот и така мора да биде и тука. Волјата на народот е најсилна и секој политичар мора истата да ја почитува. Народот никогаш не греши и секогаш е во право. Негирањето на волјата на граѓаните, секој обид за сомнеж во одлуките на народот во обид за прикривање на сопствените слабости и порази претставуваат израз на непочитување на граѓаните и сериозен израз на недемократско однесување.

Силно уверен дека одржувањето на изборите ќе ја оконча политичката криза, Ве уверувам дека како Влада ќе направиме се што е во наша надлежност изборите да бидат фер и демократски, целокупниот изборен процес да се одвива според сите меѓународни стандарди а изборната кампања да помине во одлична демократска атмосфера. Како држава имаме капацитет за такво нешто и тоа сме го покажале на претходните изборни циклуси и можеме да го покажеме и сега. Нема причина и не смее сега да биде поразлично бидејќи тоа не е во корист на секој што ја сака оваа држава.

За изборната кампања и начинот на нејзиното реализирање од исклучителна важност е улогата на политичките партии кои се надевам и искрено очекувам дека наместо кампања базирана на навреди и местенки ќе се фокусираат на кампања и политика базирана на проекти и дела, на реална политичка понуда на проекти, на програма и на кредибилитет за исполнување на ветувањата. Ова го велам затоа што нашите граѓани сакаат од политичарите да видат проекти и дела, да видат доследност но и работливост за подобрување на состојбите во секоја област и во секој регион. Само така се добива довербата од нашите граѓани кои секогаш знаат добро да проценат и лично да одлучат на кого ќе ја дадат довербата и поддршката. Нашиот народ многупати досега ја покажал својата мудрост и својата свесност и затоа не се сомневам дека и при излезот од политичката криза нема да биде така. Нашиот народ, граѓаните на оваа држава се тие кои одлучуваат за Македонија! Никој не смее да ја негира волјата на македонските граѓани, бидејќи Македонија е на сите граѓани! Бидејќи Македонија е нашата татковина и татковина на нашите поколенија, рече Димитриев.

Би можело да ве интересира

Емил Димитриев „извиси“, откако побара некои членови да одморат

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Емил Димитриев: Поддржувам освежување во партијата, некои треба да се одморат

Ана Ололовска

Честитка од Емил Димитриев по повод рамазанските пости

Ана Ололовска

Честитка од Емил Димитриев по повод Св. Кирил и Методиј

Ана Ололовска

Писмо со сочувство од Димитриев до британскиот премиер Меј

Ана Ололовска

Честитка од Димитриев по повод Националниот ден на Власите

Ана Ололовска