Пратеникот Благој Бочварски од СДСМ на денешната Седница во Собранието на Северна Македонија постави повеќе прашања до министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, меѓу кои и за покачување на минималната плата на 450 евра во услови на растечки цени. Министерката одговори дека ќе обезбеди средства според договорот постигнат меѓу синдикатите и работодавачите.
Покрај за минималната плата, пратеникот Бочварски праша и за реализацијата на општинските проекти за кои се обезбедени финансиски средства, како и за средствата од ребалансот на буџетот за 2024 година.
Димитриеска Кочоска посочи дека буџетскиот дефицит е помал од претходно. Во врска со капиталните инвестиции, министерката најави дека следната година ќе има зголемување и дека ќе се разгледаат причините за досегашната ниска реализација.
-Не е точно дека буџетскиот дефицит е поголем, помал е. Во економијата бројките се егзактни. Во однос на минималната плата, како ќе кажат синдикатите и работодавците, така ќе направам, имам обврска тоа да го обезбедам. Во однос на капиталните инвестиции, ќе излезат работите на виделина и ќе видиме зошто имаме толку ниска реализација на капиталните инвестиции. Следната година ќе имаме зголемување, рече таа.
Министерката ги покани сите заинтересирани за подетални објаснувања и нагласи дека сите проекти ќе се реализираат како што било проектирано.
Таа, исто така, информираше дека тендерите за проектите на општините во износ од 100 милиони евра се распишани и реализацијата трае до 31 декември 2024 година.
– На 31.12.2024 ќе добиете точен одговор, ќе дадам податок во однос на општинските проекти, колку пари ќе бидат реализирани, дополни таа.
За следната година, таа изјави дека за овие проекти се планирани 250 милиони евра, со побрза динамика на реализација.
Пратеникот Бочварски истакна дека не е задоволен со одговорите и посочи „не можам да замислам министер за финансии да не даде ниту една бројка во одговорите“.