Државната изборна комисија соопшти дека седницата за расправање и одлучување по приговорите од подносителите на листи на кандидати за пратеници ќе се одржи во текот на утрешниот ден, 15 декември.
– За точното време на одржување на седницата ДИК навремено ќе ги извести овластените претставници, акредитираните набљудувачи и медиумите, стои во соопштението.
Вкупно 16 приговори се пристигнати до Државната изборна комисија.
Според информациите од ДИК, од вкупниот број приговори, осум се на Коалицијата предводена од СДСМ, а осум се на Движењето Беса.
Дел од приговорите се однесуваат на избирачките места, а дел од приговорите на СДСМ се однесуваат и на изборните резултати.
ДИК е должна да реши по приговорите во рок од 48 часа по приемот. Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управиот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, со решение да го поништи гласањето на гласачкото место во одредени случаи утврдени со Изборниот законик.
Против решението со кое се поништува гласањето може да се поднесе жалба до Управниот суд на Република Македонија во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд на Република Македонија е должен по жалбата да постапи во рок од 72 часа по нејзиниот прием. Повторното гласање на избирачкото место каде што е поништено се одржува 14 дена од денот на првото гласање.
Конечните резултати од изборите ДИК треба да ги соопшти најдоцна до 20 декември, откако ќе поминат роковите за приговори и одлучување по нив.