ДИК со апликација за пријавување на гласачите од дијаспората

Од:

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на својата веб-страна треба да објави посебна апликација за пријавување за гласање на државјаните на Република Македонија кои живеат во странство за декемвриските предвремени парламентарни избори.

Комисијата вчера доцна попладне го усвои Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на предвремените парламентарни избори на 11 декември, во којшто е предвидено пријавувањето за гласање на македонските државјани да започне од распишувањето на изборите и да трае до 11 ноември, кога завршува јавниот увид во Избирачкиот список за сите лица со право на глас.

На седницата членовите на ДИК ја најавија оваа посебна апликација преку која македонските државјани што живеат надвор од државата ќе треба да пополнат пријава за гласање. Оние околу 80.000 што ги има во базата на МВР и се обележани во Избирачкиот список како иселени, ќе треба само да ја пополнат пријавата, додека другите кои не живеат во земјата повеќе од три месеци ќе треба да приложат соодветни документи како доказ дека живеат надвор од Македонија.

Јавниот увид во Избирачкиот список во подрачните одделенија на ДИК и месните канцеларии ќе започне на 28 октомври и ќе трае петнаесет дена односно до 11 ноември.

За време на јавниот увид, право да се пријават за гласање ќе имаат и 30.447 гласачи кои беа со спорни записи за време на последното прочистување на Избирачкиот список.

ДИК очекува од Министерството за внатрешни работи денеска до нив да бидат доставени податоци за лица кои наполниле или ќе наполнат 18 години до денот на изборите, како и нивни форографии кои ќе бидат приложени во Избирачкиот список.

Според актуелните законски прописи, Избирачкиот список за овие избори освен податоци за гласачите ќе содржи и фотографии, што би требало да ги намали шансите за изборни злоупотреби и нерегуларности.

Роковникот предвидува листите на кандидати за пратеници полититичките партии и независните кандидати да ги достават до ДИК најдоцна до 11 ноември на полноќ. Изборната кампања започнува на 21 ноември, а завршува на 9 декември.

Од распишувањето на изборите стапија на сила и роковите кои се однесуваат на радиодифузерите и медиумите.

Би можело да ве интересира

Новиот состав на ДИК положи свечена изјава пред претседателот на Собранието

Маричиќ e нов претседател на Државната изборна комисија

Бојан Маричиќ предложен за претседател на новиот состав на ДИК

Радев најави предвремени парламентарни избори во Бугарија

(ВИДЕО) Првичен изборен пресек: ДИК ги соопшти неофицијалните резултати во четирите општини

Горан Наумовски

ДИК: Одѕивот на повторените локални избори во четири општини до 18.30 часот изнесува 28,07 отсто