Државната изборна комисија попладнево на седница треба да го разгледа и усвои Конечниот извештај за пријавите на граѓаните чии записи во избирачкиот список по спроведените административни и теренски проверки се спорни.
Членовите на Комисијата треба да го рагледаат и усвојат и Конечниот извештај по поднесените пријави од државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, а се пријавиле за гласање во ДКП.
По одржувањето на оваа седница, ДИК ќе одржи уште една на која потворно ќе ја разгледа поднесената кандидатска листа од Социјал демократската партија на Македонија (СДПМ) за предвремените тепарламентарни избори.
Државната изборна комисија на вечерашната седница ги прифати целосно кандидатските листи на Коалицијата за промени и правда, Коалицијата ВМРО за Македонија, на Коалицијата „Алијанса за Албанците“, на Левица и на НДМ, кои претходно им беа вратени поради констатирани неправилности. Прифатени беа и поднесените листи на СДПМ, освен за првата и за третата изборна единица, за кои според мнозинството членови на ДИК, неправилностите не се отстранети.
Државната изборна комисија на седницата во саботата вечерта ги прифати кандидатските листи на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на опозициската коалиција предводена од СДСМ, на ДУИ, на ДПА, на ПДП, на ЛП и на Беса.
Овие 13 политички субјекти се пријавија за учество на парламентраните избори на 11 декември и поднесоа кандидатски листи за пратеници до крајниот рок кој истече на 11 ноември на полноќ.
Жребувањето за редоследот на кандидатските листи за изборите треба да се одржи на 20 ноември, а следниот ден почнува предизборната кампања која ќе трае 20 дена.