ДИЦ: Средна оценка од екстерните испити на државната матура 3,39

Од:

Средната оценка на екстерните испити од државната матура за учебната 2016/2017 во јунскиот испитен рок е 3.39, соопшти Државниот испитен центар кој ги презентираше резултатите од испитите. Тие денеска се објавуваат и во училиштата, како и електронски на matura.gov.mk.

Ова е прелиминарна средна оценка за успехот од полагањето државна матура, зашто од денеска до 10 јули до 15 часот може да се поднесуваат приговори до училишните комисии. Резултатите од приговорите ќе бидат објавени на 17 јули во училиштата. Во зависност од тоа колку од нив ќе бидат прифатени ќе зависи и конечната просечна оценка. Цената на секој приговор е 1.500 денари кои ќе му бидат вратени на подносителот доколку приговорот биде основан и прифатен.

Директорката на ДИЦ Мируше Амети, која на прес-конференцијата ги соопшти првичните резултати по сите предмети, рече дека годинашниот успех е во рамки на просекот од постигнувањата во претходните години.

– Во 2016-та средната оценка беше 3.42 но тоа беше по процесот на приговори. Сега сме пред приговори и 3.39 не е конечна оценка. Оценката зависи и од бројот на ученици, некоја генерација има поголем број ученици, некоја помалку. Ние, како Државен испитен центар, сме задоволни од оценката 3.39 што, секако, може и би било поубаво да е и повисока, рече Амети.

Во јунската испитна сесија од годинашната, 10-та државна матура, беа пријавени вкупно 16.426 матуранти – 8274 од гимназиско образование, 7881 од средно стручно образование и 271 од средно уметничко образование. Тие полагаа тестови по три екстерни предмети.

Вкупната средна оценка по мајчин јазик и литература (македонски, албански или турски јазик) е 3.48. Ова е задолжителен екстерен испит за кој во јуни биле пријавени 15.572 кандидати.

Средната оценка за англиски јазик, кој го полагале 14.535 ученици, е 2.99. За останатите три странски јазици (француски, германски или руски) кои ги полагале 317 матуранти, вкупната просечна оценка на постигнатиот успех е 4.04. Средниот успех по математика е 3.43, а испитот го полагале 2020 ученици.

Највисока просечна оценка (4.12) меѓу предметите за третиот екстерен испит е постигната по биологија, а за предметот биле пријавени 3350 ученици. За естетика од 189 кандидати средниот успех е 3.56, филозофија 3545 кандидати и просечен успех 3.70, историја 2734 и просечна оценка 3.49, физика 115 кандидати и оценка 3.80, хемија 280 кандидати и оценка 3.72 и по предметот бизнис 4016 кандидати и средна оценка 3.37.

Кандидадтите кои во јуни не ја положиле државната матура или не во целост, од 11-ти до 19 јули може да се пријавуваат за полагање во августовскиот рок. Тестирањата ќе бидат организирани на 14-ти, 15-ти, 16-ти и 17 август.

Би можело да ве интересира

Ангелова: Сите наставници од основно до високо образование ќе имаат повисоки плати

Јаневска: За четири месеци ги зголемивме платите на наставниците и инвестираме во инфраструктура

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

(ВИДЕО) Митева: Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46 отсто

Горан Наумовски

Филипче: Само 5% покачување плати за наставниците е обид да се намали гневот

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците