Девет години од смртта на претседателот Борис Трајковски

Од:

Во Македонија и Босна и Херцеговина денеска ќе бидат одбележани девет години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.

Во Ротимље на одбележувањето на деветгодишнината од трагичната смрт на Трајковски ќе присуствува владина делегација предводена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство  Љупчо Димовски. Во составот на делегацијата ќе биде и заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев.

Во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта цвеќе на гробот на Трајковски ќе положи собраниска делегација составена од Светлана Јакимовска, Сузана Салиу, Силвана Бонева и Владанка Авировиќ.

Претседателот Борис Трајковски загина на денешен ден во 2004 година во авионска несреќа во близина на Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерството за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Авионот требаше да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.

Истрагата што ја водеа надлежните македонски и босански органи покажа дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност. Пропустите биле во тоа што екипажот отстапил од процедурата за слетување, откако претходно ја известил контролата на летање дека ја прифаќа и дека врши полна процедура при слетувањето.

Борис Трајковски е роден во Струмица на 25 јуни 1956 година. Беше втор претседател на Република Македонија во периодот од 15 декември 1999 година до 26 февруари 2004 година.

Трајковски дипломира на Правниот факултет во Скопје во 1980 година, специјализира деловно право и право на работни односи.

Од 21 декември 1998 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за надворешни работи на Република Македонија во Владата предводена од Љубчо Георгиевски. Трајковски исто така беше претседател на Комисијата за надворешно – политички односи на ВМРО-ДПМНЕ, главен политички советник за надворешна политика на претседателот на партијата, член на Претседателството на невладината организација Паневропско движење за Република Македонија и на меѓународната конференција „Решавање на конфликти“ со седиште во Атланта, САД. Бил претседател на младината на Обединетата методистичка црква во поранешна Југославија повеќе од 12 години.

За претседател на Република Македонија беше избран во 1999 година. Должноста шеф на државата ја извршуваше до 26 февруари 2004 година кога загина во авионска несреќа во близина на Мостар.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Голем пожар кај „Борис Трајковски“ во Карпош

Анита Петровска Рајковиќ

ВИДЕО: Одбележана годишнината од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски

Ана Ололовска

Државниот врв денеска ја одбележува годишнината од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски

Ана Ололовска

Борис Трајковски, Киро Глигоров и Никола Кљусев најпопуларни политичари во изминатите три децении

А1он

Одбележана годишнината од раѓањето на претседателот Борис Трајковски

Навалица за вакцинирање во „Борис Трајковски“, закажаните за в сабота дошле денес оти сакале да користат продолжен викенд

Маја Илиевска-Пачемска