Лекарите специјализанти и идни специјализанти денеска ќе излезат на мирен протест во 12.30 часот пред Министерството за здравство.
„Излегуваме за да го кренеме гласот и јасно да кажаме не за видеоснимање и емитување во живо на интернет на сите наши испити, не – за работа без скршен денар плата и без здравствено и пензиско осигурување, не – за лихварски договор на лојалност и меници до 60 000евра! не – за 24-часовни дежурства кои не се платени, не – за дискриминација по основ на болест и мајчинство/породилно, не – за дискриминација, обесправеност и јавно понижување и деградирање на докторите специјализанти“, се вели во соопштението испратено до медумите.
На 27 јануари 2016 година во Собранието на РМ, објаснуваат специјализантите, беше изгласано уште едно дополнување на Законот за здравствена заштита, без ниту едно исполнето барање од Петицијата потпишaна од 350 лекари специјализанти и идни специјализанти.
„Министерот за здравство повторно остана глув за нашите барања. Просториите за видеоснимање на испитите и емитување во живо на интернет се веќе спремни воочи претстојната испитна сесија, а специјализантите повторно останаа без денар плата, со лихварски договори и дискриминирачки и деградирачки услови за специјализирање“, порачуваат специјализантите.