Вчерашната програма на антивладиниот камп започна со протестен марш на опозицијата и граѓаните од Владата до Министерството за култура, точно во 18 часот. Причината за маршот беше 35.бомба, односно телефонските разговори од кои како што рече потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски при презентирањето на разговорите, се гледа дека архитект, дизајнер и планер на проектот Скопје 2014 е премиерот Никола Груевски.
По одржаниот марш, кој заокружи маршрута од Владата до министерството со кое раководи Елизабета Канческа-Милевска, и заврши повторно пред влада, свои говори на бината во антивладиниот камп, одржаа универзитетскиот професор Станислав Пипан, потоа Илија Николовски од Партијата на пензионерите, Горан Мисоски од НСДП и Максим Димитриевски од СДСМ на тема „Збогум Никола“.
При воведниот дел, професорот Пипан пред граѓаните рече дека цел живот работел во службите за безбедност, односно за следење на комуникациите. Некогаш бил и заменик началник на 5-та Управа, и вчерашното обраќање му било прво појавување во јавност воопшто.
Пипан говореше на тема “лепење сечење и монтирање“ на разговори, притоа напоменувајќи дека со тоа многу се манипулирало и му пречело, а се докажувало за многу кратко време доколку институциите сакаат да ја утврдат автентичноста на разговорите.
– Со метода за кратко време се докажува дали е тоа гласот на поединецот. Се докажува со спектарна анализа на говорот – карактеристични елементи кои се викаат “форманти“, и секој говорник има спектар кој е единствен за него, што значи гласот на говорникот е исто како отисок на прст, објасни професорот.
Според него, секоја власт во првата своја година од мандатот, работи совесно според закони и прописи, а веќе втората година раководните луѓе размислуваат за злоупотреба на системите за прислушување, што било една од причините поради кои ја напуштил 5-та Управа.
Како законско решение тој вели добро би било началник на 5-та Управа секогаш да биде човек од опозицијата.
По Пипан следуваше Илија Николовски, кој рече дека најизманипулирана општествена група во Македонија се пензионерите, бидејќи врз нив, премиерот Груевски практикувал популизам, односно со нивни пари им ги овозможувал привилегиите.
– Зошто бесплатно не ги возат студентите? Затоа што тие немаат пари, а најлесно е да се возат пензионерите, рече Николовски.
Тој посочи дека владата е најголемиот организатор и реализатор на корупцијата во земјава. Тој наброја неколку причини за кои смета дека до сега не се спомнати а поради кои зошто премиерот Груевски треба да си поднесе оставка:
– Затоа што Република Македонија е трета во Европа и седма во светот по мизерија. Затоа што сме први по невработеност, а економијата овде е поставена така што само 10% се збогатуваат а другите се осиромашуваат. Затоа што платите во Македонија и пензиите се најниски во регионот. Затоа што УЈП се претвори во полициски инструмент за арч. Затоа што сме први во Европа каде што надоместоците за превозот на пратениците се поголеми од нивните плати. Затоа што Македонија по глава на жител има најмалку странски инвестиции во регионот, и тие што ги имаме се со сомнителен карактер. Затоа што сме први во Европа кои заради неплатена членарина немаме право на глас во Обединетите нации. Затоа што Македонија е земја на социјална неправда, каде што 180.000 луѓе живеат со 40 денари дневно. Затоа што Скопје е најзагадениот град во Европа и од загадувањето годишно умираат 1.350 луѓе. Затоа што никаде во Европа не се носат заменски наставници за време на штрајк. Затоа што режимот на Груевски со нас сака да разговара преку гумени куршуми и водени топови, рече меѓу другото Николовски.
Тој порача дека на Груевски никогаш повеќе не треба да му се дозволи да раководи со безбедноста на Македонија, бидејќи како што рече, премиерот од Македонија од извозник на стабилност, направил извозник на нестабилност.
– Само со оставка можеме да се спасиме од ова зло и оваа елементарна непогода која ја зафати Македонија, заклучи Илија Николовски од Партијата на пензионерите.
По него, следуваше Горан Мисоски кој својот вовед го започна со “црниот понеделник“ односно бркањето на пратениците и новинарите на 24.декември 2012 година. Тој на премиерот Груевски му порача дека остануваат пред Влада се додека тој “не ја спаси Македонија“ и поднесе оставка.
Мисоски ги поздрави и тројцата вработени од 5-та Управа кои ги доставиле материјалите до СДСМ од кои, како што рече, денеска се гледа како владата ја узурпирала државата.
– Тие луѓе не почитуваат ни Устав ни закон, ја партизираа администрацијата, го партизираа судството, го партизираа обвинителството, тие луѓе не заслужуваат никаква почит од граѓаните. Едни исти луѓе околу Груевски добиваат тендери, се богатат, вршат притисок, ги носат парите надвор од Република Македонија. Земјата ја направија во 21.век – држава на политички затвореници, рече Мисоски, кој го посочи случајот со лидерот на Достоинство, Љубе Бошкоски.
Тој се осврна на невработеноста, на слободата на медиумите, на иселувањето на младите, случајот со Субрата Рој. Во главно, Мисоски од НСДП зборуваше за материјалите од телефонските разговори кои ги објавува лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој пред граѓаните вети дека ќе има преодна влада, преку која ќе се договорат решенија за сите проблеми, а од кои ќе бидат оттргнати, како што рече, рацете на Груевски.
– Ако и малку си го сакаш народот македонски, поднеси си оставка, му порача Мисоски на премиерот.
Обраќањата завршија со Максим Димитриевски од СДСМ, кој пред граѓаните акцентирано зборуваше за случувањата во Куманово. Тој притоа го обвини Груевски за човек кој направил од Македонија место најнепопуларно за живеење.
– На 9.мај кога Европа го славеше денот на обединувањето, а во Русија се славеше победата над фашизмот, во Куманово имаше 36-часовна војна. Јавно те прашувам Груевски зошто службите не снимаа нас од опозицијата а не ги снимаа милитантите? Зошто дозволи моите комшии Албанци да седат во подрумите додека им се пукаше над глава? Зошто ги пушти нашите бранители да бидат живо месо на кучињата на војната кои што дојдоа да дестабилизираат?, праша Димитриевски.
Тој упати неколку прашања до премиерот, а посочи дека за време на Конгресот на ВМРО ДПМНЕ, кој беше презакажан една недела пред случувањата во Куманово, доколку некој сакал да изврши терор, тоа ќе било правиот момент додека државната елита била во градот.
Димитриевски од Груевски побара јасен одговор за случувањата во Куманово за да не се шпекулира, бидејќи секој ден излегувале нови работи за пресметката во Диво Насеље. Апелираше до премиерот заедно да одат во Куманово и да им објасни на жителите што се случувало и зошто се случило.
– За жал моето Куманово ќе остане запишано во историјата. Еден град кој неколкупати е споменуван во кои се одвивале големи битки. Град во кој се потпишале многу мировни спогодби, ќе остане запишан во македонската и светската историја како место во кое се одвивал терористички чин. Ќе ги носиш на душа загинатите, рече Димитриевски, кој потенцираше дека нема Македонец, Албанец, Ром, Влав, Бошњак, Србин или Турчин кој ќе ги заборави случувањата во Куманово.
Со ова излагање на Димитриевски, завршија обраќањата на тема „Збогум Никола“, а граѓаните останаа да ја проследат музичката програма на крајот од денот.
Секоја вечер во антивладиниот камп се организираат вакви дискусии и обраќања чиј фокус е одреден сектор во земјава, со анализа и дебата за тековната состојба, но и сугестии како нештата да се подобрат во иднина. Вчерашната програма беше четиринаесетти пат по ред од 17.мај наваму, да се разговара за проблемите во Македонија.