Вративме стари долгови на општина Неготино од над 27 милиони денари, рече денеска неготинскиот градоначалник Тони Делков, кој даде отчет за сработеното.
Најави дека Неготино е влезено во 18-те општини во кои ќе се гради нова детска градинка за 120 дечиња. Се осврна и на проектот „Мојот убав град” со кој ќе има зголемена проодност на тротоари, нови постојки, игралишта и хортикултурно уредување, средување на состојбите со градскиот стадион, санирање на оштетени коловози, поставување хоризонтална и вертикална сигнализација, создавање услови за побезбеден пристап на учениците до училиштата.
Во рамките на тој проект ќе се смени уличното осветлување, прозорците во гимназијата и општинската зграда.
– Обезбедени се средства за изградба на колекторот од селото Тимјаник до Неготино во должина од два километра и дополнителни 400 метри, информираше Делков.
Започнуваме, рече, со изградба на урбана заедница во вредност од 12 милиони денари. Соопшти дека се уредуваат улици и се поставуваат водоводна и канализациона мрежа, се реконструираат делови од плоштадот, старата чаршија и спортската сала. Се осврна и на проектот „Зелен туризам”, а информираше и дека се работи на надминување на проблемот со паркинг. Додаде дека се работи на измените на генералниот урбанистички план во кој ќе се најдат и паркинг простор и кружни текови.
– Ги подготвивме за продажба двете индустриски зони „Криволак” и „Дуброво” каде очекувам голем интерес за локациите поради местоположбата и инфраструктурата. Тоа би значело нови инвестиции, но и огромна поддршка во финансискиот дел за општина Неготино, отворање на нови работни места и комплетно нова слика за Неготино, рече Делков.
Општина Неготино обезбедила нова опрема за комуналното претпријатие. После долги години неизвесност, подмирен бил и долгот на ова претпријатие кон надлежните институции, па сега вработените таму имале обезбедено здравствено осигурување. А градот, како што нагласи градоначалникот, никогаш не бил почист.
Од стапувањето на функција, досега, тој примил на разговор над илјада граѓани. Остварил и над триесет други средби заради помош околу исплатата на заостанатите долгови кон лозарите за неплатено грозје. Благодарение на тоа, винаријата „Повардарие” за само три месеци исплатила милион и сто илјади евра, а во наредните два месеца треба да се исплати преостанатиот долг.