Делчево денеска ги слави своите заштитници светите браќа Кирил и Методиј. Празнувањето почна со свечена литургија во новоизградената црква „Св Наум“ која е дел од верскиот објект во изградба посветен на „Св Кирил и Методиј“ во центарот на Делчево.
Традиционално на овој ден, свештените лица и верниците, се дел од свечената литија и кршењето на славскиот колач што се одржува во новата црква „Св. Климент Охридски“, осветена пред три години и подигната во дворот на делчевската гимназија, каде во 60-тите години била срушена црквата посветена на браќата Кирил и Методи.
Архиерејот Атанас Поповски зборувајќи за празникот истакна дека Делчево се врзува со името на светите браќа Кирил и Методиј кои се светители и создатели на словенската писменост и култура.
– Но, тие да беа само тоа, црквата не би ги почитувала како вистински просветители на словенството, бидејќи се поставува прашањето, каква е ползата од земската култура, ако таа вистински не служи за спасение на душата. Сѐ што е земно е времено и културите како земни и времени поминуваат. Историјата памети многу култури како египетска, асировавилноска, периска, римска, грчка, споменот за нив живее само во пожолтените листови на заедницата, врз нив лежи правот на заборавот. Само оној кој верува во Бога постои во вечноста, вечна е верата, религијата, православието, истакна Поповски.
Инаку, Делчево има посебен пиетет кон словенските браќа кои на горниот тек од реката Брегалница ги поставија темелите на словенската писменот. Ова градче на истокот, веќе шест години со црковни свечености го одбележува овој ден. Градоначалникот, Дарко Шехтански упати порака за здравје, бериќет до сите верници.