Дебата за образованието: Многу измени, лош квалитет на образование во Македонија

Од:

Многу избрзани реформи, донесени без дебата, а лош квалитет на образованието во Македонија, е еден од заклучоците од вчерашната дискусија на тема „Дали е возможно квалитетно образование преку лоши законски решенија?“, во која учество зедоа наставници и средношколци.

Владо Димовски, наставник во основно образование, смета дека Министерството за образование направи многу измени, но измени на штета на образованието, и посочи дека ако некогаш земјава имала најквалитетно образование, сега има најлошо образование во светот, тргнувајќи од условите за работа на просветните работници се до наставниот кадар.

Тој се повика и на истражување во кое учествувал самиот тој, кое вели, покажува дека 22.8 % во основните и средните училишта работат наставници кои немаат завршено високо образование, и држат настава со средно и фактички им предаваат на своите врсници по образование.

Димовски се осврна и на квалитетот на учебниците.

– Квалитетот на учебниците скоро е никаков. Голем дел од преводите на учебниците за учениците кои учат на друг јазик се катастрофални. Искривена е и историјата, искривени се многу работи и токму затоа немаме квалитетно образование, посочи наставникот.

Тој се пожали и на Министерството кое вели останало глуво на идеите на неговите колеги кои имале идеи за подобрување на квалитетот на образование но не наишле на внимание.

– МОН образованието го третира како проект, а јас лично сметам дека тоа е процес кој треба постојано да се надоградува, потенцираше наставникот Димовски.

Еден од најактивните средношколци за време на секојдневните протести пред објектот на МОН, средношколецот Александар Милески се пожали на незаинтересираноста на министерот Адеми за идеите на Средношколскиот пленум.

– Шест недели средношколците ја бојкотираа наставата, три недели спиеја под отворено небо, а надлежните немаа слух за нас. Денес започнува една од најлошите реформи во образованието а тоа е екстерното тестирање. Нешто полошо не можеше да му случи на образованието кај нас. Вие на база на 30 прашања во помалку од 60 минути треба да оцените еден ученик врз база на еден критериум – помнење, забележа Милески.

Тој акцентирано говореше за недостатоците при есктерното испитување, односно како учениците учат од базата на прашања достапна за учениците кои ги учат на памет. Со јавноста која ја следеше дискусијата сподели и дека за време на разговорите со надлежните од МОН, средношколците биле уценувани, односно министерството им нудело да попушти за државната матура, а средношколците да попуштеле за екстерното.

Милески зборуваше и за техничките проблеми со кои се соочуваат наставниците при испитите, особено во руралните средини , каде што немало Интернет, немало ни струја за компјутерите на кои се полага.

Своето искуство со граѓаните во Кампот на слободата, го сподели и професорот во средно образование Енвер Ајдини, кој предава во мешано училиште на албански и македонски јазик.

– Со самото екстерно тестирање – квиз тест со заокружување, има закон на веројатност, што значи ученик од различна насока да земе, со самото заокружување има шанси да добие преодна оценка. Ако ние сме оцениле ученик со слаба оценка 1 или 2 , може на среќа на тој квиз тест да добие оценка 4 или 5. Сите професори и наставници сме против вакви реформи, не против екстерното туку начинот нак ој се спроведува, посочи Ајдини.

Тој даде и пример со прашања кои спред него имаат и доза на национализам.

– Има прашање по граѓанско образование во основно кое вели: „Ученикот Томче е најдобар ученик во класот…а ученикот Агим родителите не го пуштаат да оди во училиште за да чува крави“. Значи самото прашање е тенденциозно и увредливо, посочи професорот Ајдини, кој се повика на притисоците кои се создаваат од екстерното тестирање.

Вели, наставникот не знае како да го оцени ученикот затоа што се плаши да не биде во групата на наставници со најголемо отстапување и да падне при “оценувањето“ на објективноста на наставникот.

Своето искуство од интензивните протести ги сподели и Ангела Најдоска, средношколка.

Образованието за да биде квалитетно треба да се промени од основното образование, смета таа. Избрзаните реформи кои досега беа имплементирани не донесоа никаков квалитет, вели Најдоска.

Таа рече дека матурантите се соочуваат со психички притисок за време на полагањата на испитите од матурата.

Во однос на предметот математика, таа смета дека треба да биде изборен, а не како што предвидуваше Министерството за образование, задолжителен предмет за полагање.

Таа го сподели своето искуство од преговорите и протестите на средношколците, која рече дека јавно сака да одговори на прашањето кое го добивале од надлежните – кој ги пратил.

– Нас не прати совеста и разумот, дека доста беше некој да не контролира, доста беше молк, доста беше некој да ни налага реформи на кои не се согласуваме, потенцираше младата Најкоска.

Зборувајќи за своето лично искуство и удел, вели не се кае што учествувала во Средношколскиот пленум и дека тие веќе разбудиле критична маса која знае да каже што и пречи.

Дискусијата на вчерашниот 17.ден пред владата ја заокружи, Петар Атанасов од Комисија за образование на СДСМ. Тој се наврати на работата на комисијата и рече дека одржале три големи огромни конференции во Скопје, Битола и Струмица, формирале над 20 тимови, работеле и анализирае и имале целосна слика какво е образованието во Република Македонија.

Сподели неколку заклучоци на комисијата од мониторингот врз работата на Министерството за образование и култура:

  1. Најголем дел од законите во образованието се донесени на нетрансапрентен начин, без дебата на насилнички начин. Законите се донесени без никаква стратешка цел.
  2. Реформите на оваа влада беа само форма во која најчесто недостасуваше суштинската промена.
  3. Се потрошија многу пари а ефект немаше. Премиерот бараше успеси преку ноќ, но успеси немаше.
  4. Секторот образование служеше само за вработување и за контрола врз вработените
  5. Се наруши автономијата на универзитетот а се зголемуваа само казните.

Тој упати неколку прашања за политиките врз кои министерот Абдулаким Адеми и неговиот заменик Спиро Ристовски ги базираат нивните одлуки при реформите.

Атанасов смета дека потребна е широка дебата за тоа како да се подобр образованието, нешто што оваа влада не го прави.

– Не е голема филозофија. Треба да ги научиме децата да комуницираат, за коgа ќе пораснат да не молчат, да не им одмолчат на некој кој ќе дојде и ќе владее како што сака, рече Атанасов.

Тој рече дека СДСМ ќе воведе нов сектор за контрола на квалитетот во образованието, и ќе воведат фонд за научно истражување и развој.

Би можело да ве интересира

Почна третото издание на меѓународниот ракометен камп „Кирил Лазаров 7“

Наум Локоски

„Граѓаните за Македонија“ остварија средба со Зоран Заев

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Кампери пред Влада: Падна митот за Груевски, непопустливиот

Емир Латифовиќ

(ВИДЕО) Дискусија: Домашното производство на струја се намалува, увозот расте тендензиозно

Ана Ололовска

Дискусија: Анализа на состојбите во ЕЛЕМ и МЕПСО пред и после 9-те години на ВМРО-ДПМНЕ

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Дискусија: Дали македонскиот безбедносен систем е во распаѓање?

Ана Ололовска