Дебата во МАНУ: Судството мора да биде незaвисно

Од:

Прашањето за независноста на судството влегува во приоритетните прашања и тоа е прашање на човековите слободи и права, а не прашање на политичките опции, истакна претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски на денешната научна и стручна расправа „Независноста на судството“.

– Какво било решение да произлезе од политичките разговори кое нема да оди по таа линија, науката секогаш ќе го критикува како неприфатливо, поаѓајќи од вредносниот критериум за независното судство во функција на заштита на човековите слободи и права, рече Камбовски.
Во рамките на расправите за надминување на политичката криза во Македонија како приоритетно прашање, како што рече Камбовски, се издвојува натамошното јакнење на независноста на судството, а на него се однесува и голем дел од Извештајот на експертската група на ЕУ предводена од Рајнхард Прибе, кој  беше прифатен  од Владата и Собранието на Република Македонија.

– Препораките од Прибе во најголем дел се однесуваат на деполитизација на одлуките за именување и унапредување на судиите и јавните обвинители, на јакнење на улогата на Судскиот совет во гарантирање на независноста на судството, во прецизирање на транспарентноста и процедурите за избор, разрешување и дисциплинска одговорност и особено во одбраната на судовите и судиите од политички и секакви други влијанија, рече Камбовски.

Тој предложи формирање експертско тело кое во соработка со Министерството за правда, со Владата, судовите и другите институции ќе изврши ревизија на повеќе закони кои се донесени од областа на судството.

– Од една страна се наоѓа неприкосновената судска власт која е во рацете на судовите и на чело стои Врховниот суд,  а од друга страна се наоѓа се помоќниот Судски совет, додаде Камбовски.

Судскиот совет, како што рече, не е врв на судската власт, туку е самостојно тело кое ја гарантира судската власт со така поставената хиерархија. – И не случајно дел од препораките на Прибе се однесуваат на Судскиот совет и на барањето тој да ја зајакне својата позиција како гарант за независноста на судството, истакна претседателот на МАНУ.

На расправата Камбовски праша дали Судскиот совет ја зајакнал својата позиција што дозволи да бидат назначени судии без негова согласност и дали Советот ја гарантира судската независност со тоа што не реагира за обезбедување на потребните буџетски средства чија што висина е таксативно определена со Законот за судскиот буџет, дали и во која мера Советот се ангажира за заштита на судовите и на судиите од надворешни влијанија и пред кого одговара Судскиот совет.
Германската амбасадорка во Македонија Кристина Алтхаузер рече дека денешната дискусија е токму навреме, бидејќи очите на меѓународната заедница се фокусирани на македонското правосудство.

– Неопходноста да се дискутира на ова тема покажува дека работите не се онака како што треба да бидат. Фактот што специјален јавен обвинител треба да работи на случаи кои во други земји се врши во вообичаени обвинителства покажува дека нема доволна независност, рече Алтхаузер.
Парламентот, како што истакна, е ограничен веќе неколку месеци поради отсуството на опозицијата, но и по нејзиното враќање во Собранието нема дискусија за важни легислативни иницијативи.

Знам, рече германската амбасадорка, дека работната средина во која работат судиите е далеку од совршена. – Во последните неколку години се покажаа различни притисоци на адвокатите, јавните обвинители и во самиот правосуден систем во целост и жалам што мора да кажам дека нема успех да се одолее на тие притисоци, рече Алтхаузер и тука, како што додаде, не обвинува никого индивидуално.

Според Алтхаузер, Македонија треба правосудството да го стави на патот кон Европа, бидејќи граѓаните заслужуваат да бидат заштитени на ефикасен начин и да бидат сигурни дека сите еднакво ќе бидат третирани пред законот, кој ќе владее во оваа земја.

Професорот на Правниот факултет – Скопје Љупчо Арнаудовски рече дека во нашите прописи нема одговор на прашањето – што е независно судство и од кого независно. – Во законите мора да внесеме што е независно судство и со кои инструменти можеме да го заштитиме, рече тој.

Според претседателката на Врховниот суд на РМ Лидија Неделкова, независноста на судството не е востановена за заштита на судиите, туку за да го заштити системот на правдата и владеењето на правото, а во рамки на тоа да го одржува позитивното јавно мнение и довербата во судот.

– Судот мора да биде независен не само од извршната власт, туку и од странките. Сомневањата во врска со независноста на судот мора да бидат објективно оправдани. Независноста на судството е уставен постулат, а сите други принципи на кои почива судството се неминовно испреплетени со овој основен принцип, додаде Неделкова.

Доколку не постои судска независност и има одлуки донесени под влијанија, притисоците или другите интевенции, според народниот правобранител Иџет Мемети, поделбата на власта е бесмислена и нереална.

Тој порача дека независноста на судството е најважен сегмент на принципот владеење на правото и е темел на правдата и правичноста. – Решенијата за надминување на слабостите мора да произлегуваат од внатре, од самото судство со учество на самите судии, а не да се очекува некој однадвор истите да ги даде. Само со таква поставеност на правосудниот систем во кој ќе владее правото ќе имаме функционален и кредибилен систем во кој граѓаните ќе имаат доверба, истакна Мемети.

На научната расправа учествуваа повеќе професори од правните факултети во Скопје и Тетово, како и судии и членови на судските тела и организации во Република Македонија.

Би можело да ве интересира

МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија

ВРЕДИ почна да го реализира планот за албанска Академија, ќе ја финансираат општините со нивни градоначалници

Катерина Ѓуровски

Штрајкуваат вработените во МАНУ, бараат повисоки плати

Горан Наумовски

Влен: Академијата за науки и уметности на Албанците не треба да се гледа како контраст или паралелизам на МАНУ

Муртезани: Не можам да тврдам, но има перцепција дека во МАНУ нема пристат за други етнички заедници

Претседателство на МАНУ: Академијата е отворена за сите што ги исполнуваат критериумите, да не се вовлекува во дневнополитички расправи