Дебата пред влада: Скопје 2014, нашминкан мегаломански проект кој им ја одзеде Агора на народот

Од:

Во рамки на вчерашната дебата во антивладиниот камп пред влада, каде веќе 13 дена по ред граѓаните порачуваат „Збогум Никола“ и бараат оставка од премиерот, пред самиот почеток на дискусијата насловена „Скопје 2014 низ призмата на граѓаните“, беше презентирана 35-та бомба на опозицијата токму по ова прашање.

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски пред објавувањето на аудио-разговорите во кои посочи дека се слуша како премиерот Никола Груевски е целосно ангажиран за изгледот на фасади, објекти и споменици, рече дека идеен творец, дизајнер и планер на Скопје 2014 е директно премиерот Никола Груевски.

– Никола Груевски е тој кој црта и прецртува балкони на барокни хотели, се занимава со изведувачи на изградба на објекти и си признава дека Валентина Божиновска е режимски скулптор, рече Манчевски.

Тој при објавувањето на разговорите посочи дека Груевски е тој кој се занимава со се`, само не со својата работа.

Во една од снимките, на разговор меѓу Груевски и Јанакиески, се слуша како премиерот одлучува и за тоа каков ќе биде дизајнот на двокатните автобуси во Скопје, па во еден момент бара во автобусите да има портокалова боја, поради, како што се слуша, потребата да биде забележано времето кога се набавени.

Во серијата аудио-снимки, како што посочи Манчевски се и разговори меѓу премиерот и министерот за транспорт и врски за тоа што е барок, а што класицизам, и која зграда каков стил треба да има.

Потпретседателот на СДСМ рече дека по 35.бомба, јасно е зошто во Македонија нема нови болници, училишта и патишта, ама има музеи, барок и споменици.

По објавувањето на опозициската бомба, следуваа излагања на тема „Скопје 2014 низ призмата на граѓаните“, во која учество покрај Манчевски, зедоа и граѓанскиот активист Владимир Вангелов, потоа Даница Павловска од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, универзитетската професорка Елеонора Петрова Митевска, активистот Александар Вујиќ, есеистот и критичар Роберт Алоѓозовски (модератор на дебатата) и професорот Петар Николовски.

debatakamp1 (2)

При воведниот говор, активистот Вангелов напомена дека, со проектот Скопје 2014, главниот град само се урниса, а ништо од изграденото нема вредност.

Осврнувајќи се на гушкањата на ГТЦ и обидите за зачувување на автентичноста на објектот, Драгица Павловска напомена дека таа е иницирана да реагира бидејќи премиерот Груевски веќе подолго време е имун на апелите од архитектите, а како што вели Павловска по 35.опозициска бомба, имал и аспирации за преземање на професијата која таа ја брани.

– Нашата борба трае пет години од кога започна проектот Скопје 2014, кој јас не сакам да го нарекувам проект, затоа што не ги содржи основните перформанси на еден проект, рече Павловска.

Според неа се работи за една нелогична, стихијна, налудничава идеја, а потенцираше дека гласот на архитектите заедно со гласот на народот е нешто што се спротиставува на, како што рече, злото кое што тече и никако не може да се запре.

Имено, таа се осврна и на неколкуте измени на законите, кои служеа како катализатор за постигнување на целта, односно градењето на проектот. Павловска напомена дека преку овој проект се руши и државноста, а тоа нема да му биде простено на оној кој е одговорен.

Професорката Елеонора Петрова Митевска, за проектот Скопје 2014 зборуваше од неколку аспекти, односно од идентитетски, културолошки, естетски, уметнички, еколошки и од социолошки аспект.

Во однос на делот кои се работи за идентитетот, професорката Петрова Митевска смета дека е направена огромна штета врз граѓанинот со воведувањето на античкиот елемент. Според неа, граѓаните се оштетени и со обележја кои денес се градат само во диктаторски земји.

– Диктатурата, начинот на размислување на власта, им натурила триумфални капии кои што биле карактерситични за 19.век, или за 30-тите години во Германија, или за 60-тите во Романија, а сега ги има само во Казахстан или Туркменистан. Затоа во Скопје има толку многу туристи, за да видат мегаломански проект на сред Европа, рече професорката.

Од социолошки аспект, таа посочи дека на граѓаните им е одземена Агора, или местото каде што луѓето се собираат, комуницираат и споделуваат мислења, затоа што со овој проект главниот град на Македонија е збиен со сила.

– Живеам веќе 24 години, а моето семејство живее три генерации, онаму каде што сега веќе се изградени три големи и скапи објекти, онаму каде што некогаш имаше паркови и каде што го поминувавме нашето време до раните утрински часови.

Со овие зборови граѓанскиот активист Александар Вујиќ го започна својот говор на дебатата насловена „Скопје 2014 низ призмата на граѓаните“.

Тој се наврати на септември 2013 година, кога полицијата во 2 часот по полноќ ги сечеше дрвјата кај Бристол, каде што сега се гради административната зграда за Советот за радиодифузија. Раскажувајќи за личното искуство како член на „Паркобраните“ кои кампираа во паркот во знак на протест против дрвосечата, Вујиќ рече дека тоа место претставува системот на кој владее оваа гарнитура, односно со силен притисок и многу полиција.

Тој за време на дискусијата изрази надеж дека “насилството“ од септември 2013, односно настаните во паркот кај Бристол, еден ден ќе излезе на виделина, а спроведителите ќе сносат одговорност.

– Тоа што ми се случи мене, тогаш беше Бристол, тоа не мора да значи дека утре нема да биде вашето место, онаму каде што го уживате вашето слободно време, порача пред граѓаните во антивладиниот камп, Александар Вујиќ.

Професорот Петар Николовски зборуваше за проектот Скопје 2014, од аспект на пожарна сигурност, земајќи ги в обзир разговорите од 35.бомба во која премиерот во еден момент вели наместо мермер, да се користело специјален малтер, поради немање финансии.

– Факт е дека многу од зградите се обложени со шминка од стиропор со дебелина од 1 сентиметар, кој на некој начин како материјали се пласираат во горливи материјали. Изолациите на зградите се прават од ваков материјал, но европската стручна јавност преку свои правилници укажува на заштита од пожар. Така да сите гориви материјали на фасада се работата по принцип да бидат заштите однадвор со минерална заштите од 8 до 10 милиметри која би спречила ширење на пожар, посочи професорот, кој укажа на опасностите од евентуални пожари за објектите од Скопје 2014.

На дебатата пред влада, активно учество зедоа и граѓаните, кои проектот Скопје 2014 го споредуваа со градежни активности, или ветувања за градежни активности во своите општини. Граѓани од Визбегово, од општина Кавадарци, од Кичево изразија револт за огромните пари кои се потрошени за барокот во Скопје, на сметка на нивните општини.

Свои обраќања по завршувањето на дебатата имаа и Зурија Саит, советничка во град Скопје од партијата ПЦЕР, и претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимоски кои зборуваа за проблемите со кои се соочуваат Ромите во Македонија, како и основните потреби кои недостасуваат во општината Шуто Оризари, додека паралелно во Скопје се градеше Скопје 2014.

Од излагањата кои ги имаа денешните учесници во дискусијата заедно со граѓаните, се заклучува една иста порака упатена до премиерот Никола Груевски, а тоа е дека проектот Скопје 2014 е кич, кој во иднина ќе биде проблематичен за тоа што ќе се прави со спомениците и објектите кои се изградени, а со кои граѓаните не се согласуваат.

Есеистот и критичар, Роберт Алоѓозовски, кој воедно беше и модератор на вчерашната дебата, дискусијата ја затвори со пораката дека првиот чекор да заврши проектот Скопје 2014 е заминување на оваа влада, целта поради која граѓаните и го формираа антивладиниот камп.

Вчера беше тринаесетиот ден откако граѓаните поставија кампови пред Владата и бараат оставки и одговорност за прислушуваните разговори кои ги обелодени лидерот на СДСМ Зоран Заев, а кои укажуваат за наводен криминал и корупција договорен директно од челниците на власта.

Секоја вечер во антивладиниот камп се организираат дискусии и обраќања чиј фокус е одреден сектор во земјава, со анализа и дебата за тековната состојба, но и сугестии како нештата да се подобрат во иднина.

Би можело да ве интересира

Почна третото издание на меѓународниот ракометен камп „Кирил Лазаров 7“

Наум Локоски

„Граѓаните за Македонија“ остварија средба со Зоран Заев

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Кампери пред Влада: Падна митот за Груевски, непопустливиот

Емир Латифовиќ

(ВИДЕО) Дискусија: Домашното производство на струја се намалува, увозот расте тендензиозно

Ана Ололовска

Дискусија: Анализа на состојбите во ЕЛЕМ и МЕПСО пред и после 9-те години на ВМРО-ДПМНЕ

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Дискусија: Дали македонскиот безбедносен систем е во распаѓање?

Ана Ололовска