Предметот „Онкологија“ е завршен и поднесени се две обвиненија до Основниот кривичен суд Скопје, информираа денеска на заедничка прес-конференција државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски и предметната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска.
Како што соопшти предметната јавна обвинителка, предметот е поделен на два дела – првиот се однесува на економското работење на Клиниката за Онкологија во кој се опфатени тогашниот директор и организацискиот директор на Клиниката и вториот дел од предметот се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози.
– Првиот обвинет во својство на службено лице директор и второто лице организациски директор се обвинети за злоупотреба на службената положба, измама во службата и проневера во службата. Повеќето од дејствијата ги извршиле во соизвршителство во временски период од 2018 до 2022 година. Кривичното дело „Злоупотреба на службената положба“ го извршиле со пречекорување на границите на своето службено областување и не ја извршиле својата службена должност во постапките за набавка на лекови, постапувајќи спротивно на Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување, статутот на Клиниката, Законот за буџетите и Законот за јавни набавки, рече Гоговска Јакимовска.
Двајцата се обвинети за продолжено кривично дело „Измама во службата“, така што во вршење на својата службена должност со намера за друг да прибават противправна имотна корист, создале противправна обврска и го довеле во заблуда Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) да изврши незаконита исплата. На тој начин, Гоговска Јакимовска рече задобувачите на лекови прибавиле значителна корист во износ од над 430 милиони денари.
Со ваквите дејствија, обвинителката посочи дека тие прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на државниот Буџет во вкупен износ од над 2,2 милијарди денари.
– Обвинети се во постапките за јавни набавки на лекови, и тоа се однесува на биолошката активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела, набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ за тоа, по што за покривање на тие реверси спроведувале постапки за јавни набавки кои биле беспредметни, бидејќи добавувачите на лекови во рамки на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно додените лекови, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација, обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку тие спроведени јавни набавки. Со ваквите противзаконити дејствија, обвинетите креирале противправни обврски на Фондот кој бил доведен во заблуда, дека условниот буџет кој го одобрува се однесува на законски креирани обврски, а не за намирување на противправно креирани обврски за лекови, поради што Фондот на годишно ниво одобрувал условен буџет на Клиниката од кој потоа биле исплаќани ваквите лекови, рече Гоговска Јакимовска.
Истакна дека обвинетиот медицински директор, помогнат од организацискиот директор, извршил кривично дело „проневара во службата“, бидејќи преку постапките за јавни набавки, набавил количина на лекови која имал намера да ја присвои. Како што појасни предметната обвинителка, медицинскиот директор откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал, односно не ги аплицирал на пациентите во чие име овие лекови биле употребувани, па така, рече, постои разлика помеѓу евидентирана употребувана количина за пациент и раздолжена количина за пациенти во износ од околу два милиони денари.
– Ова е констатирано кај девет пациенти за кои фиктивно се раздолжувани пет различни лекови. Дополнително, медицинскиот директор, користејќи ја несогласеноста на состојбата на залихите, искажана во сметководствената и материјална евиденција, и несогласеноста помеѓу месечните податоци за издадени лекови од аптека и примени лекови во организационите единици на Клиниката, за кои бил директно одговорен организацискиот директор, присвоил дел од лековите кои Клиниката требало да ги има на залиха и прибавил противправна имотна корист од најмалку 13 милиони денари, посочи обвинителката.
Како што соопшти предметната јавна обвинителка, предметот е поделен на два дела – првиот се однесува на економското работење на Клиниката за Онкологија во кој се опфатени тогашниот директор и
Во врска со второто обвинение поднесено во Кривичен, Гоговска Јакимовска рече дека се опфатени четворица лекари онколози, односно, првиот обвинет е исто така поранешниот директор на Клиниката за онкологија, кој во соизвршителство со друг лекар на истот оддел, се товари дека извршил продолжени „Тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни“, додека, пак, другите двајца лекари се товарат за основното кривично дело „Несовесно лекување болни“, за кое појасни дека и тоа е сторено како продолжено кривично дело.
– Со медицинските вештачења е утврдено дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил очигледно неподобен начин на лекување и спротивно на тековните онколошки упатства, со отстапувања во дозирањето и во фазата на лекување, давал лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија со што тешко го нарушил здравјето на пациентите. Во дел од случаите ова му било овозможено од втората обвинета која му ставила на располагање свој факсимил со кој одобрувал и препишувал терапија и свое корисничко име и лозинка со кои радолжувал терапија во ХИС системот на Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за онкологија и радиотерапија. Другите двајца лекари се обвинети за кривично дело – Несовесно лекување болни, бидејќи врз основа на медицинските истории е утврдено дека одредувале терапија со лекови од новите генерации на таргет и имунотерапија во фаза на лекувањето кога било многу очигледно дека пациентите од таквиот лек воопшто нема да имаат корист поради лошиот перформанс статус и немањето време да се развие механизмот на дејство, без да биде наведена телесна тежина и висина на пациентите, со отстапувања во дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба, нагласи предметната обвинителка Гоговска Јакимовска.
Претходно, државниот јавен обвинител Коцевски, посочи дека предметот бил оформен по допрен глас врз основа на повеќе новинарски истражувања, кои укажувале на определени неправилности, констатирани и во извештајот на Државниот завод за ревизија во врска со работењето на таа Клиника.
– Предистрагата и истрагата беа обемни и тешки, со огромен број дејствија и сложени вештачења, кои ни беа неохподни за во целост да ги испитаме сите факти и околности. Затоа, најпрво би сакал да се заблагодарам на трпението пред се на пациентите на клиниката за онкологија, на кој од самиот почеток им ветивме одговори, но секако и на целата јавност, бидејќи, речиси, и не постои семејство во нашата држава кое не е засегнато со работата на оваа здравствена установа на директен или индиректен начин. Недвосмислено, веројатно, најголемиот предизвик беше да се обезбедат медицинските вештачења, бидејќи во нашата држава немаше вешти лица или институција која би можела непристрасно да ги изврши, рече Коцевски.
Од тие причини, додаде, за да се обезбеди непристрасност на постапката, Обвинителството успеало да обезбеди медицински вештачења од Србија и Словенија, кои се однесувале на различни сегменти од лекувањето на пациентите на Онкологија.
– Тука би се заблагодарил особено на словенечките и на српските експерти, кои со своето стручно знаење практично го потврдија она што беше сомнение од почетокот на овој предмет. Од сите прегледани медицински истории, од техничките советници на истрагата, 65 истории на онколошки пациенти беа издвоени, испратени и анализирани од експертите. Во висок процент од нив, согласно мислењата на вештите лица од струката, и од Словенија, и од Србија, терапијата не била давана онака како што предвидуваат протоколите за лекување на овие болести, рече Коцевски.
Вели дополнително истрагата обезбедила докази кои ги потврдиле основаните сомненија дека на Клиниката за онкологија се вршеле злоупотреби и проневери, особено со скапата биолошка терапија.
– Ги уверувам пациентите дека и покрај констатираните кривични дела за кои инициравме судска постапка, на Клиниката за онкологија работат и чесни професионалци кои ја знаат работата и во кои треба да се има доверба. Задачата на Обвинителството е да ги гони сите оние за кои постои сомнение дека со незаконити дејствија, свесно или несвесно, го загрозиле животот на пациентите и редовното функционирање на Клиниката. Тоа ќе продолжиме да го правиме доколку се обезбедат докази и секој што постапува незаконито, особено во вршењето на нешто што треба да биде исклучително благородна професија, ќе биде изведен пред лицето на правдата. Ќе нагласам и додека траеше истрагата на Клиниката за онкологија се воведуваа определени промени во начинот на одобрување на терапиите со цел да се подобри контролата на тој систем и да се отстранат системските слабости кои овозможуваат злоупотреби, рече Коцевски.