Даниел Денковски, најдобар млад научник за 2014 година

Од:

Претседателот Ѓорге Иванов денеска му ја додели наградата „Најдобар млад научник“ за 2014 година на Даниел Денковски, магистер по електротехника и информациски технологии.

– Како претседател на Република Македонија, но пред се како универзитетски професор, во секој поглед ја поддржувам науката. Затоа и го почнав проектот „Најдобар млад научник“, затоа сме денес тука, бидејќи цврсто веруваме дека инвестирањето во науката не е трошок, туку влог во развојот на државата, истакна Иванов пред почетокот на церемонијата.

Преку проектот „Најдобар млад научник“, Македонија, додаде Иванов, го препознава капацитетот на своите млади луѓе кои се занимаваат со научни истражувања и кои постигнуваат исклучителен научен резултат во земјава, но и во странство.

– Со инвестирање во науката и со поддршка на младите научници, сакаме Македонија да прерасне во земја на иновации и нови технологии кои ќе бидат двигатели на економијата, подвлече претседателот.

Осврнувајќи се на наградата, Иванов нагласи дека комисијата секоја година се соочува со предизвикот, меѓу пријавените кандидати со вонреден квалитет да го избере најдобриот.

– Од пристигнатите пријави за најдобар млад научник во изминатите пет години, можам слободно да заклучам дека се работи за млади луѓе полни со иновативност, креативност, претприемништво, знаење и моќ, истакна претседателот Иванов.

Изразувајќи благодарност, Денковски рече дека признанието за него претставува огромен поттик и мотив за продолжување на неговата научна дејност и за постигнување уште подобри резултати.

– Би сакал да ги охрабрам младите луѓе во Македонија постојано да го продлабочуваат и надградуваат своето знаење и да се занимаваат со наука поради слободоумноста, возбудливоста и перспективноста на оваа дејност, посочи Денковски.

Признанието „Најдобар млад научник“ се доделува петта година со цел да се поттикне развојот на научната и истражувачката мисла особено кај младите македонски научници до 30-годишна возраст. Добитник на наградата за 2013 година беше биоинформатичарот Петар Стојанов, а во 2012 Катерина Бачева за истражувачка работа во аналитичката хемија и хемијата на животната средина. Најдобар млад научник во 2011 беше Трифче Сандев за работа во полето на физиката, додека во 2010 Никола Златанов, научник во областа на безжичните телекомуникации.

Би можело да ве интересира

Ангелова: Сите наставници од основно до високо образование ќе имаат повисоки плати

Јаневска: За четири месеци ги зголемивме платите на наставниците и инвестираме во инфраструктура

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

(ВИДЕО) Митева: Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46 отсто

Горан Наумовски

Филипче: Само 5% покачување плати за наставниците е обид да се намали гневот

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците