Македонската православна заедница од Австралија обвинува дека спротивно на Уставот на МПЦ, владиката Петар стекнал имоти на црквата во свое лично име. Тие го повикуваат Синодот да не ја премолчува вистината дека владиката Петар на името Петар Каревски поседува неколку имоти во Австралија и бараат тој да биде повикан на одгворност.
Тие го повикуваат Синодот решително да ги стави интересите на МПЦ над лојалноста кон Петар.
„Синодот има уставна и морална должност кон МПЦ да ја заштити црковната општина Св. Петка, а и да го принуди Петар да и ги врати на МПЦ 4те храмови кои ги препишал на свое име и на име на поповите Тоне Гулев и Јовица Симоновски, како и 4те храмови со тапии на имиња на други приватни лица, бидејќи таквиот имотен статус се коси со Член 172 од Уставот на МПЦ, според кој имоти на МПЦ можат да поседуваат само правни лица на МПЦ определени во тој Член“.
„МПЦО Св. Петка јавно понуди да се откаже од претстојните жалби пред апелационите судови, доколку Синодот веднаш донесе решение дека Св. Петка повеќе не е под јурисдикција на Петар, туку под директна јурисдикција на Синодот или на нов владика за Австралија. Ако Петар навистина освоил победа во полза на МПЦ при првостепениот судски процес, како што тој тврди, тогаш зошто му пречи такво решение? Дали Петар само себеси се поистоветува со МПЦ или пак ‘победата’ која наводно ја освоил не е за истата МПЦ во чиј Синод членува, туку за “Архиепископијата за Австралија и Нов Зеланд”, која заткулисно ја регистрирал во Австралија на 1ви Декември 2004, во соучество со Ѓакон на Грчката Патријаршија од Антиох, која афтокефалната Македонска православна црква ја смета за НЕКАНОНСКА„, пишуваат од Македонската православна заедница од Австралија.
„Петар се откажа од функцијата Митрополит Австралиски за да остане Митрополит на Преспанско-Пелагониската Епархија уште во 2004г. Тогаш стана ‘Администратор’ за Австралија, што според Уставот на МПЦ е привремена функција на упразнета Епархија. Здравиот разум вели дека осум години е далеку повеќе од било какво толкување на поимот ‘привремен’. Преку таа груба манипулација со титулата ‘Администратор’, Петар е единствениот владика во МПЦ кој држи две Епархии, додека четворица владици се целосно без епархии. Време е Синодот да ја обелодени вистинската причина заради која му дозволува таква неправедна привилегија на најискомпромитираниот свој член, кој целата владичка кариера ја помина во скандали, при што:
1. На 14-6-1990 е расчинет со решение потпишано од тогашниот Архиепископ г.г. Гаврил, за потоа присилно да продолжи да дејствува како владика без кредибилно објаснување;
2. Уште пред 16 години изгуби секаква доверба кај 13 од вкупно 18 регистрирани Македонски православни општини во Австралија, а претходно е протеран од Американско-Канадската и Европската Епархија;
3. Потрошил милиони долари за судски спорови против Св. Петка и други црковни општини, без тие трошоци да ги пријави во епархиски извештаи и да обелодени кој е нивниот извор;
4. Со својата скандалозна хајка против сопствениот народ, ја претвори МПЦ во предмет на презир и исмејување пред пошироката австралиска јавност;
5. Од 1993 до 1995 заткулисно и неискрено соучествуваше во нарушувањето на авторитетот на Митрополитот Австралиски г. Тимотеј, па потоа и на Архиепископот г.г. Михаил (додека Архиепископот беше директно надлежен за Австралија), за да им ја преземе австралиската Епархија;
6. Во 2002г. јавно не убедуваше дека “Нишката спогодба” за ставање на нашата Црква под јурисдикција на српскиот Патријарх и понишутвање на нејзиниот македонски идентитет е единствена можност да станеме канонска Црква (што значи без тоа не сме канонска);
7. Во 2010 се обиде да протурка парламентарен закон во Австралија со кој македонските православни имоти би станале сопственост на негова корпорација, со изричито право да ги стави под туѓа јурисдикција;
8. Заедно со Зоран Враниковски, јавно го прогласи изборот на г.г. Стефан за Архиепископ, а пред тоа и изборот на г. Михаил за владика (подоцна Архиепископ), како неканонски;
9. Во 2006г., на прес конференција бараше кривична пријава против г.г. Стефан за случајот “Говрлево”, без за тоа да покаже законска основа или подоцна да се извини;
10. Во 1991г., заедно со Зоран Вранишковски ја објави книшката “Глас на вистината”, со став дека “нашите сестрински цркви” се во право кога велат дека МПЦ е вештачка комунистичка творбa, за подоцна да го направи Вранишковски владика (Јован) на МПЦ;
11. Во истата книшка шири суеверие дека упокојувањето на попаѓата Благородна Гогова и на Епископот Велички г. Гаврил-Светогорец било наплата за противуставен избор на прота Методи Гогов за владика (г. Михаил);
12. Во истата книшка вели дека г. Кирил, како еден од прогласувачите на автокефалноста на МПЦ, е осуден за “иродизам-живеење со наводната снаа од својот роден брат” и затоа треба да биде расчинет и екскомунициран, дека е “неморален христијанин, лицемерен политичар, па се, самo не владика”;
13. На македонската јавност во Австралија и стана најпрепознатлив по патолошката употреба на невистини, клевети и клетви, анатеми, лажирани расчинувања, екскомуникации, суеверни заплашувања и закани за уништување на своите неистомисленици и нивните семејства, како и по прибирањето на познати улични измамници и насилници во “Светата војна” за приграбување на пари, имоти и тиранска моќ.
Ако некои владици во Синодот добиваат заткулисен притисок од политички фактори за и понатаму да му дозволат на Петар Каревски нехристијански да го нарушува угледот, достоинството, уставноста и устројството на МПЦ, време е тоа да го обелоденат пред македонската јавност, која сигурно ќе им даде доволно поддршка совесно да се исправат пред притисоците“, пишуваат од Македонската православна заедница од Австралија.
Од таму најавуваат дека на средбите со Синодот на 5-ти и 6-ти Декември, ќе ги докажат со документи сите обвинувања и ставови.