Дали 5.550 попишувачи ќе добијат приоритет за вакцинирање со „Астра зенека“ ќе се одлучува денес

Од:

По кој редослед ќе се одвива вакцинирањето со 24.000 илјади вакцини на „Астра зенека“ ќе биде одлучено денес. Од Министерството за здравство велат дека Националното тело за имунизација допрва треба да има состанок, на кој се очекува да биде одредено со која категорија граѓани ќе почне вакцинирањето со вакцината на „Астра зенека“. Од таму велат дека информација за вакцинирање на попишувачите, која се споделува, не излегла од кај нив.

„Ние во овој момент немаме информација дека попишувачите се ставени на листа за вакцинирање. Со која категорија граѓани ќе почне вакцинирањето со вакцината на ’Астра зенека’ на посебен состанок, кој треба да се одржи денес, ќе го утврди Националното тело за имунизација. Тие ќе го утврдат распоредот за вакцинацијата во согласност со количината вакцини и во согласност со приоритетните групи“, велат од Министерството за здравство за „А1он“.

Досега се вакцинираа здравствените работници, а следни за вакцинација се лицата над седумдесет години. Од оваа категорија граѓани, за вакцина се пријавиле вкупно 67.403 лица.

По нив, следува втората фаза од вакцинирањето, во која се лицата над 65 години, лицата од 18 до 65 години со здравствени проблеми, војската, полицијата, Владата, Собранието и вработените во други институции.

Во согласност со националниот план за имунизација на Ковид-19, попишувачите ќе стигнат на ред за вакцини откога ќе поминат сите приоритетни групи.

Од Државниот завод за статистика велат дека иако јавно се споделува информација оти се ставени на листата за вакцинирање, со нив никој не контактирал за такво нешто.

„Ние би биле среќни да е така, но, за волја на вистината, досега никој не ни кажал дека попишувачите ќе имаат приоритет“, велат од Државниот завод за статистика за „А1он“.

Од таму велат дека се формирани сите попишувачки тимови. Вкупната бројка попишувачи е 5.550. Тие се веќе на терен и ги прават подготовките за пописот, кој треба да почне в четврток следната недела.

Статистичарите се подготвуваат за пописот според утврдените датуми, а евентуално одложување велат дека не е во нивна надлежност.

Би можело да ве интересира

Апелирам Македонците од Албанија масовно да учествуваат во пописот, порача Мицкоски

А1он

Ревизија на Пописот: Софтверот за дијаспората бил набавен од спонзор за кој не знаеле во министерство за правда

Орце Костов

Васил Стерјовски: Македонците во Албанија се уценети од Софија да се попишат како Бугари

Орце Костов

Симовски: Направивме попис, но последниве четири години немаме вработено ниту еден човек, а напуштија повеќе од 100

Маја Илиевска-Пачемска

Пописот завршува, во 20 часот ќе биде затворена апликацијата за попишување во земјата и апликацијата за самопопишување на дијаспората

А1он

Попишани се 1.768.710 граѓани, оние кои не оствариле контакт со попишувачите да се јават во пунктовите за попишување во општините

А1он