Црвенковски: Груевски молчеше како риба на маса кога се цртаа нови граници

Од:

„Ова не е битка за тоа кој ќе биде власт. Ова е битка за самата држава и за нејзината иднина“, вели Бранко Црвенковски, лидер на СДСМ, во интервју за „Граѓански“.

Со Георгиевски, вели, сме биле жестоки политички противници во изминативе 20 години. На иста маса ги седнал Никола Груевски и неговата погубна политика.

„ Ги слушам деновиве оркестрираните напади дека Георгиевски во 2001 г. Сакал да ги менува границите и да разменува територии. Да, тоа е точно. Како што е точно дека токму јас и СДСМ бевме најжестоки противници на тие идеи во моментот кога беа изречени. Каде беше тогаш патриотот Груевски? Беше министер во владата на Георгиевски и молчеше како риба на масата каде што се цртаа нови граници. И да не заборавам, купуваше нови станови. Каде беа сите други лажни патриоти од ВМРО-ДПМНЕ во тоа време? Се сеќава ли некој на нивно спротивставување макар и со изјава? Зарем им беа потребни цели 11 години за да сфатат за што се работи? И дури сега, кога самиот Георгиевски јавно се откажува од таа идеја, тие решија да се борат против неа? Евтино, бедно. Георгиевски не може да ме смени мене и моите ставови. Но, ако е подготвен да помогне заедно да го смениме Груевски, нема да му кажам не. Ниту нему, ниту на кој било друг“, вели Црвенковски.

Со ДПА, одговара Црвенковски, имаме идентични ставови дека оваа власт нè доведе до рекордна сиромаштија и до катастрофална економска ситуација, дека со оваа власт Македонија од ден во ден станува сè понедемократска земја и оти благодарение на оваа власт евроатлантските перспективи ни се целосно и трајно блокирани.

За него фактот дека првпат во историјата на парламентарната демократија во Македонија се официјализира предизборна соработка на една македонска и една албанска партија, е еден нов квалитативен исчекор на политичката сцена. Тоа, вели, е многу почесно и поискрено кон граѓаните, отколку лицемерното договарање под маса и зад грбот на народот што се случуваше досега.

„Наспроти владините партнери кои се во официјална коалиција, а глумат две влади и две политики, ние решивме, и покрај тоа што не моравме, јавно и транспарентно да ја обелодениме нашата опозициска соработка. А, на нападите дека ова го правиме заради освојување на власта, би сакал јавно да ги прашам: Поради што во заедничка влада седат Груевски, Ахмети, Ѕинго, Амди Бајрам, Борис Стојменов и Иван Стоиљковиќ? Заради заедничка идеологија, заради интересите на народот или заради сопствените интереси? Нивната соработка е принципиелна, а опозициската не е? Тие сите се сродни души, а ние од опозицијата неспоиви? Ајде да не се залажуваме. Работите се многу поедноставни. Македонија се наоѓа во тешка состојба како никогаш досега. Главен виновник за тоа се актуелната власт и нејзините политики. За да се отворат можности, за состојбите да се подобрат, а проблемите да се решаваат, оваа власт треба да си оди. Опозицијатастана свесна дека тоа е највисок приоритет за иднината на земјава и реши да се обедини за негово остварување. И тоа е целата приказна“, одговара Црвенковски„Покажавме дека не сме „салонска“ туку „народна“ партија, а се уверивме дека токму таков СДСМ им недостигаше на граѓаните во изминатиов период“, Црвенковски е задоволен од „Работното лето“ на СДСМ.

Црвенковски вели дека главен приоритет во иднина ќе биде борба со сиромаштијата и невработеноста , на поттикнување домашни и странски инвестиции и на отворање нови работни места.

Вистински херои и патриоти на денешнината, според него, се оние што ќе вработуваат луѓе и на тој начин ќе придонесат да се намали сиромаштијата.

„Ако Груевски повикува на единство околу неговите политики и цели, веднаш да кажам дека такво единство не е можно. Не затоа што ние сме суетни, туку затоа што неговите политики се погрешни и штетни. Жалам што морам да го кажам ова, но Груевски не само што не може да биде иницијатор, туку не може да биде ниту дел од таквото национално обединување, од едноставна причина што тој ги предизвика најголемите внатрешни поделби во историјата на овој народ. Ако му е за утеха, сепак, тој ќе има заслуга за националното обединување, но за обединување против него, против неговата недемократска власт и неговите погубни политики“, е ставот на лидерот на СДСМ.

Изгледаат смешно, па дури и крајно бедно советите на ВМРО-ДПМНЕ за доброто на СДСМ Црвенковски да ја напушти челната позиција во партијата, вака лидерот на СДСМ г одговара на секојдневните прозивки СДСМ да одбере, за нивно добро, нов лидер. Кој ќе биде лидер на СДСМ, вели, одлучуваат само членовите на СДСМ.

За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за организирање шверц на нафта, Црвенковски вели дека шест години целата власт е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, под нивна контрола се сите институции, МВР, обвинителството, судството, ако имаат какви било докази, должни се да поднесат пријави. Во спротивно, смета лидерот на опозоцијата или се соучесници во криминал или бесрамно лажат.

Процесот на лустрација одамна излезе надвор од каква било уставна и законска рамка и се претвори во обично средство во рацете на ВМРО-ДПМНЕ за политичка пресметка и за шиканирање на сите кои, на еден или на друг начин, ѝ се замериле или спротивставиле на оваа власт.

„За СДСМ, овој Закон за лустрација е противуставен, нелегитимен, а со тоа и неважечки. Едноставно, тој за нас не постои и сè што се случува на тој план е обично партиско криминално насилство на ВМРО-ДПМНЕ. Евентуалното напуштање на Комисијата на членовите избрани на предлог на СДСМ би имало за цел овие факти да ги направи уште поочигледни и појасни пред целата македонска јавност“, вели Црвенковски во интервјуто за „Граѓански“.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: СДС манипулира, со нив заостанавме зад сите во регионот, а реалната плата имаше пад, а не раст.

ВМРО-ДПМНЕ: Дон Николовски спиел во хотели каде ноќевање е стотина евра, тој лаже кога вели дека платил поевтино

Предраг Петровиќ

Николовски: ВМРО ДПМНЕ лаже, не се точни објавите

СДСМ: Власта им мачка очи на граѓаните со замрзнување маржа на едвај 73 производи

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Ние намаливме цени на 500 производи, Мицкоски замрзна маржа на 73, дебакл на Владата

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Кузеска: Дали телохранителот на Мицкоски, Бисовски е ослободен за да биде унапреден во командир на „Тигрите“!?