Членките на ЕУ не постигнаа договор за почеток на преговорите со Северна Македонија

Од:

Земјите членки на ЕУ не успеаја да се договорат за отворање на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, изјави попладнево министерката за надворешни работи на Финска Тити Тупураинен, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

– Прашањето за отпочнување на преговорите ќе биде дискутирано од страна на лидерите на ЕУ на Самитот кон крајот на неделава, нагласи Тупураинен на прес-конференција во Луксембург по состанокот на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.

Еврокомесарот за проширување во заминување Јоханес Хан. Пак изјави дека „ова не беше најславниот момент на Европа“, додавајќи при тоа дека „значително мнозинство“ на членките на ЕУ ја поддржале препорака за отпочнување на преговорите со двете земји.

– Нема сомневање дека секое понатамошно одложување ќе наштети на нашата кредибилност на Западен Балкан и на нашите амбиции да станеме посилен глобален играч, додаде Хан.

На последниот предлог на финското претседателство за раздвојување на преговарачките процеси со Северна Македонија и Албанија и за започнување на преговори прво со земјава се противат три земји – Франција, Германија и Италија.

Дипломати од земја членка на ЕУ изјавија дека Франција се противи поради тоа што не сака никакво ново проширување пред да се реформира преговарачкиот процес, додека Германија и Италија стравуваат дека доколку преговорите започнат само со Северна Македонија, Албанија „вечно“ ќе остане во чекалницата на ЕУ.

Холандија, според нив, не се противи на раздвојувањето на земјава од Албанија, бидејќи Хаг мора да ја следи одлуката на холандскиот Парламент кој смета дека Скопје е подготвено за преговори, а Тирана не.

Од друга страна Холандија сака да го услови отворањето на преговорите со земјава со носењето на закон за јавно обвинителство, како што најави утрово шефот на холандската дипломатија Стеф Блок, пред почетокот на министерскиот состанок.

Доколку се дојде до договор за отпочнување на преговорите со Северна Македонија, Хаг би барал првата меѓувладина конференција да се одржи само откако ќе биде задоволено барањето за независно јавно обвинителство.

Дипломатите во Луксембург објаснуваат дека дури и да се постигне компромис за евентуално раздвојување на двете земји, многу се мали шансите тоа да биде сторено денеска, бидејќи француската државна секретарка нема мандат да носи таква одлука. Неа може да ја донесе само францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот на ЕУ в четврток и петок во Брисел.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Никогаш нема да се повлечеме од преговори со ЕУ, цел на оваа Влада е државата да стане дел од Унијата

Горан Наумовски

Фон дер Лајен: ЕУ, САД и НАТО ја зајакнаа својата заедничка позиција за Украина

Горан Наумовски

Европските лидери поставија пет услови пред средбата Путин-Трамп

ЕУ подготвува нови санкции кон Русија

Калас: Нема отстапки додека Русија не се согласи на безусловно примирје

Орбан: Единствен разумен потег на лидерите на ЕУ е да започнат самит ЕУ-Русија