Муабети за софтвер за санкционирање сообраќајни прекршоци, изработки и менување на спецификација, како и начинот на набавка е само дел од разговорот помеѓу ексгенералниот секретар Драги Рашковски и Ивица Димитриовски кој е професор на ФИНКИ и поранешен хонорарец во Влада. Двајцата, обвинети во случајот „Софтвери“. Обвинителката Ивана Трајчева читаше од комуникацијата за која кажа дека е извадена од одземените телефони. Според неа, муабетите се воделе на апликацијата „Вибер“. Комуникацијата треба да докаже дека Димитровски додека бил хонорарец во Влада, за Рашковски изработувал и спецификација која подоцна била дел од тендерските побарувања, кога Генералниот секретаријат го набавувал софтверот патентиран од генералниот секретар.
Се почнува со прашање „Ќе можеш да ми ја пишеш фирмата, ќе можеш да ми го пишеш моделот на фингерпринтот кој го имаш?“, на што соговорникот добива одговор „Супрема“. Продолжува со дилема за што се разменува порака: „Не ги земавме во предвид сензорите кои бројат луѓе“, а се враќа повратен одговор: „Ќе го земам и тоа во предвид во спецификацијата“.
Следува и порака: „Здраво Драги конечно го средив ова… Може да го прочиташ да видиш дали се опфатени сите делови и функционалности, може да се видиме неделава за видиш… Го симнав ја демо, не би требало да имаме проблем при интеграцијата..“
По ова пратен е првиот документ „Технички спецификации за … систем за идентификација“, во кој според обвинителката Трајчева има детали за систем за идентификација, што треба да содржи решението (четири под системи), се наведува дека има преглед на функционални барања, се наведува во кои услови треба да ги исполнува барањата, а дадена е и спецификација за скенери од прст.
На пораката, се испраќа одговор: „Добро утро. Ќе го разгледам и ќе ти кажам“, за следно да биде испратена порака „Ми се допаѓа“.
По ова се зборело за техничка спецификација на опремата.
„Здраво Драги… Да, ќе го дополнам и тоа, за секој уред поединечно“, пишува соговорникот на што добива одговор „Земи ја од некој производ спецификацијата и само копирај ја“.
Во јануари 2019 година, следува прашање „До каде сме со спецификациите?“, а се враќа одговор: „…Здраво Драги, вечер се враќам во Скопје и ќе ти ги пратам“
По ова следи нов испратен документ со наслов „Систем за … определување на просечна брзина и изрекување на казни“.
„Понатаму има опис на пронајдокот, приказ на техничкиот проблем, што е суштината на пронајдокот и на крај стои пронајдувач Драги Рашковски по што има патентни барања. Во точки се наведени уште три патенти системи и уреди за определување на брзината во сообраќајот…“, кажа обвинителката Трајчева.
Рашковски на ова реагираше во судницата: „Нека ги научи термините“, а судијката му го одзеде зборот.
Повторно се разменува документ.
„Здраво Драги, ќе го прочитам, го дополнувам претходното за техничка спецификација за уредите па ќе ти го пратам да го видиш“, стои во пораката, на која одговорот е: „Важи“.
Обвинителката Трајчева опишуваше: „По ова следува уште еден документ со спецификација, кои се четири подсистеми, се дава преглед на тоа што треба да исполнува системот за идентификација, се дава функционални карактеристики на софтверот (отпечатоци на прст, лице, глас). Во втората табела се дава карактеристики на софтверот“, рече Трајчева набројувајќи и други спецификации“.
И натаму се зборува за спецификацијата, но и за начинот на плаќањето.
Па на прашање дали ќе има исплата за да се набави опремата, се враќа порака: „Не се секирај. До 20 отсто е дозволен аванс, опремата ќе ја купи друга фирма. Ќе средиме се“
И кон крајот на месецот, односно на 28.01.2019 година продолжуваат разговорите меѓу Рашковски и Димитриовски на „Вибер“.
„Здраво Драги во петокот Игор ми прати прашања од порталот за јавни набавки, ја видов тендерската документација. Како што сфатив, фирмата која ќе ја набави опремата ќе се јави на тендерот, јавната набавка не е делива…“, се вели во пораката, а одговорот кој следи е: „Ќе средиме“.
„Игор ми пиша дека повторно е објавен тендерот, те молам пиши ми да се видиме да расчистиме некои работи“, вели еден од соговорниците, по што според пораките договориле термин.
И натаму, во нова порака, професорот од ФИНКИ и тогашниот генерален секретар на Влада, зборуваат за тендерот: „Во петок Игор ми кажа дека реобјавена истата јавна набавка, ми прати некои прашања за одговарање и така случајно дознав. Повторно е неделива, треба да се даде понуда за софтвер и хардвер. Тоа што ми сметаше претходно и сега ми смета, на таква набавка не можам да се пријава. На јавната набавка планирав да се пријавам преку ФИНКИ само за делот за софтвер за кој можам да гарантирам дека ќе го направам“, а одговорот е: „Ајде утре да се видиме“.
Следувала и нова порака со прикачен документ со нова спецификација.
Во мај 2019 година, еден од соговорниците пишува: „Здраво Драги, еве ја спецификацијата за системот за одредување на просечна брзина, можеш да го прочиташ и да дадеш коментари“, па добива одговор: „Договорено, до сабајле ќе ги имаш“.
Комуникацијата продолжува па следува порака: „Еве ја последната верзија… додадов три различни водови камери кои треба да ги поддржува софтверот…“
Понатаму, се разговара за тестирање направено на „Качанички пат“.
„Како ќе правиме со интеграција со МВР бидејќи при генерирање на казните ќе ни треба сервис кој по зададена рег. таблица ќе треба да врати информации“, прашува соговорникот, а добива одговор: „Ќе средиме. Лесно е тоа“.
По ова на 29.02.2020 година, следуваат фотографии од графички приказ од софтверско решение. Овде има и забелешки: „Поголеми букви, има ќорави“, па прашање: „Ова генерално ти се свиѓа?“, следува нов одговор: „Прилично едноставно е“, па заклучок: „Околу 12 секунди трае целата процедура. Да го видиш прво во живо, па ќе одлучиме за компјутер“.
Во пораките се кажува и дека Даниел (веројатно Станчев) ја работи апликацијата: „Се слушнав со Даниел при крај се со апликацијата, некои ситни работи за дизјанот, при крај се со податоците“. Следува порака: „Како си неделава за софтверот за контрола на сообраќај, ги имплементиравме сите забелешки, па ако сакаш да погледнеш?, како и одговор: „Може секако слободен сум“
Зборуваат и за пари, за кои Рашковски прашува: „Колку треба Даниел да пушти?“.
Во комуникацијата се споменува и демантот пратен од МВР кога медиумите пишуваа за набавката на софтверот. Се разменува линк од медиум, на што пораката која следувала е со содржина: „Се е во ред. Имаме и ние џокер во раката“
Во разговорите се зборува и за извештај кој треба да биде направен за тестирање, а не било спроведено. Но, се посочува дека сепак, нема да биде лажно, бидејќи претходно имало едно тестирање на „Качанички пат“. Потоа, се кажува дека извештајот треба да биде сличен на реалниот кога се тестирал продуктот на „Качанички пат“.
По ова се пратил документ со извештај. Двајцата, Драги Рашковски и Ивица Димитриовски, разменувале и линкови од најави на емисијата „360 степени“ во кои се посочува дека софтверот не бил тестиран, а МВР потврдило дека не знаела дека се набавувал.
„Си имам јас документ. Плус тоа има и записник од примопредавањето“, е коментарот кој следува.
Во продолжение на муабетот, се зборува за тестирање на софтверот, околу времето кога бил тестиран, датумот на тестирање, како и локацијата.
„Немаат за што да се фатат“, вели еден од соговорниците, а другиот продолжува: „Ќе помине. Нема грижа за паника“
Понатаму пак коментирале што се пишувало во медиумите, на што соговорник кажува дека тој го пуштил тоа и се додава: „Така треба за да се затвори случајот. Не се секирај“.
Се коментира и зошто е настаната целата афера која се преточи во обвинение а сега и во докажување на вина: „Крајна цел е на Даниел фирмата бидејќи го држи Испиениот центар, нема врска ова со сообраќајното“.
По ова разменет е и документ од Генералниот секретаријат на Владата потпишан од Рашковски а поврзан со потребата од ваков софтвер.
За случајот за којшто му судат, Рашковски е првообвинет за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци преку фирмата „Инвока груп“, којшто софтвер Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело, како и за оштетување на буџетот за 100 илјади евра со незаконито спроведување на јавна набавка. Патентот за софтверот е на Рашковски. Во случајот осомничен е и Даниел Станчески од Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“, од кое Генералниот секретаријат на Владата го купил софтверот за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни. Според обвинението, Рашковски и уште шест лица ја злоупотребиле службената положба при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и јавни набавки на камери и опрема за препознавање на регистарски таблички, се наведува во соопштението од Основното јавно обвинителство.
Во обвинението се наведува и дека Рашковски склучувал авторски договори со физички лица, кои сега се дел од обвинетите, иако знаел дека воопшто не ги извршувале своите работни задачи согласно склучените договори, сепак им исплаќал месечни хонорари, а тие потоа му враќале дел од хонорарите во кеш.