Од 226.000 спорни гласачи во избирачкиот список, за 71.000 гласачи нема никаква евиденција, изјавил денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Чичаковски, по состанокот на работната група за избирачки список, пренесува „Утрински весник“.
Според Чичаковски, допрва ќе се преговара што ќе биде со овие 71.000 гласачи за кои вкрстената проверка покажала дека не се наоѓаат во ниту една база на податоци.
„Тие не се евидентирани дека некогаш користеле здравствена услуга, социјална заштита, немале трансфер на пари преку трансакциска сметка ниту, пак, се евидентирани во пензискиот систем. Тоа се 71.000 лице, кои најверојатно се дијаспора, постари лица кои не се вклучени во системот на социјална и здравствена заштита, меѓутоа можеби се наоѓаат и лица чие избирачко право е спорно“, изјавил Чичаковски.
Покрај овие, во избрирачкиот список, според претседателот на ДИК, има уште две категории спорни гласачи.
Станува збор за, како што пишува „Утрински“, 116.000 гласачи за кои има некој историски податок во базите на податоци на релевантните институции, но, од пред една година или повеќе, веќе не постои податок дека овие луѓе биле вклучени и користеле некоја услуга од системот на социјална и здравствена заштита на државата.
Спорни се и уште 39.000 гласачи кои при теренските проверки не се пронајдени и за кои постои сомнеж околу вистинитоста на адресите кои стојат во евиденцијата за живеалиште на МВР и во личните карти и пасошите.
На денешниот состанок, на кој партиските претставници се обиделе да направат пробив во преговорите за прочистување на избирачкиот список, присуствувале и претставници на министерствата за правда, за внатрешни и за надворешни работи, од Државниот завод за статистика, Управата за водење матични книги, Секретаријатот за европски прашања и од Дирекцијата за заштита на лични податоци, како и од амбасадите на САД, на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ, ИФЕС, како и невладините „Мост“ и „Цивил“.
Од политичките партии присуствувале Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Артан Груби од ДУИ, Дамјан Манчевски и Цветанка Иванова од СДСМ и Беким Фазлиу од ДПА.