Министерката за одбрана Радмила Шекеринска упати честитка до граѓаните, припадниците на Армијата на Република Македонија и вработени во Министерството за одбрана, по повод Денот на народното востание, денот кога, како што се наведува, македонскиот народ и сите граѓани во Македонија ја покажаа својата волја, одлучност и храброст да се борат за најсветото, слободата.
– Македонија во својата историја многу пати се бореше и се избори за слободата и демократијата. Многу пати бевме на крстосница – дали ќе отидеме во бездна и ќе го изгубиме сето она што сме го создавале со генерации. Но, во сите тие тешки моменти, моменти на неизвесност и ризик, сите заедно, сплотени, без оглед на нашата етничка и верска припадност, успеавме, не само да ја зацврстиме слободата, демократијата, еднаквоста, туку и да ја однесеме на едно повисоко ниво, се посочува во честитката.
Ние и денес, се додава во честитката, со нашето учество во мировните мисии, покажуваме дека ги споделуваме сите вредности и идеали на демократскиот свет и активно учествуваме во напорите на меѓународната заедница за воспоставување на демократијата на глобално ниво.
– Затоа, на овој ден го честитам не само народното востание, туку и будноста и одлучноста на граѓаните на Република Македонија, да ги живеат современите вредности кои и доликуваат на една модерна, европска демократија. Да останеме свесни за сето она што сме го постигнале досега, за сите жртви кои оваа нација ги има дадено и да работиме, напорно и постојано за да ги зачуваме и да ги развиваме слободата, еднаквоста и демократијата, стои во честитката од министерката за одбрана Радмила Шекеринска.