Премиерот Никола Груевски упати честитка до граѓаните на Македонија и до македонската дијаспора по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.
– Памтењето и празнувањето на ваквите денови служи како потсетник на моментите од историјата во кои кога е најтешко, но и најпотребно, нашиот народ демонстрира неизмерна храброст и истрајност. Подигнувајќи се против далеку поброен, подобро опремен и посилен противник, борците од Народноослободителната војна пожртвувано и несебично решаваат и по цена на своите животи да му застанат на патот на злото, вели Груевски.
Нивната битка, додава Груевски, е и порака до нашата и до сите идни генерации. Љубовта кон татковината и чувството на одговорност кое произлегува од можноста да се направи нешто со што би се спречило страдањето на многу луѓе е чекор кој ја заслужува нашата огромна почит. Одзивајќи се на повикот на слободата тие ги изгазиле последните неколку чекори од патот до конечното формирање на македонската држава и триумф над фашизмот. Ваквата одлучност да се застане во одбрана на човештвото, хуманоста и правдата се извор на нашата гордост и почитување.
– Нашата мисија денес е да ја издигнеме Македонија кон нови успеси и да ја донесеме до нови победи, овој пат поинакви, но еднакво делотворни за сите граѓани. Напорите за економски развој и борбата за секое новоотворено работно место, вложувањата во здравството, во образованието и инвестирањето во квалитетни и повисоки стандарди во македонското образование кои ќе обезбедат посигурна и просперитетна иднина за нашите млади, инвестициите во инфраструктурата, во изградбата на патишта, железници, како и помошта за македонскиот земјоделец чија работа и труд заслужува вреднување и почит, е нашата борба, но и порака за зачувување на споменот за безбројните јунаци кои се жртвуваа за темелите на она што денес го градат нашите генерации, нагласува премиерот Груевски.
Во честитката испратена по повод 11 Октомври, премиерот Груевски истакнува дека на овој голем ден најважно е да се потсетиме дека Македонија е многу повеќе од еден правен концепт. – Таа е идеал во кој се рефлектира човечката желба за слобода и непоколебливата истрајност на патот до среќата и остварување на соништата на луѓето, се наведува во честитката