Честит Велигден – Христос Воскресна!

Од:

Во домашна атмосфера, а следејќи ги преку интернет воскресенските литургии, православните верници вечерва го дочекаа најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите.

Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваа воскресенски литургии.

Во живо илјадници верници ја следеа богослужбата посветена на Воскренението Христово – Велигден (Пасха) во Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител.

Во манастирот вечерва пристигна благодатскиот оган, кој претходно со грчки авион беше донесен на аеродромот во Скопје.

Соборниот храмот вечерва беше празен, присутни беа само свештениците и новинарските екипи, а имаше и големо полициско обезбедување со оглед на тоа што литургијата се одвиваше за време на полицискиот час.

Дел од граѓаните со свеќи во рацете на терасите го одбележаа најголемиот христијански празник, а дел пак, пуштаа музика каде најчесто повторуваната песна беше познатата „На Велигден сум се заљубил“.

За првпат во земјава верниците го одбележуваат Велигден од своите домови, поради 85-часовниот карантин што го воведе Владата поради превенција и заштита од коронавирусот.

Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан во велигденското обраќање им порача на верниците да истраат и да не се вознемируваат што не можат бројно да присуствуваат во храмовите, како и да се молат од своите домови.

Верниците ќе можат да ги посетуваат храмовите од вторник, по завршувањето на полицискиот час, но дозволен е влез по најмногу петмина верници одеднаш, кои треба да се на одредено растојание.

Владата не донесе одлука за затворање на црквите, но испрати порака граѓаните да го заштитат своето здравје и здравјето на сите останати, со тоа што годинава ќе останат во своите домови и ќе ги почитуваат препораките.

Би можело да ве интересира

МПЦ-ОА: Овој Велигден го славиме во канонско единство

Православните верници денеска го слават Велигден

За Велигден бесплатно паркирањето во Охрид, во вторник слободен влез во музеите низ градот

(ВИДЕО) Ковачевски со спот за Велигден: Зелената боја е зелена енергија, а тоа значи поевтина струја

Државна и црковна делегација во Ерусалим на преземање на Благодатниот оган во Базиликата на Светиот гроб

Ана Ололовска

Г.г. Стефан утре ќе чиноначалствува со литургијата во храмот „Свети Наум Охридски“ во Радишани

Ана Ололовска