По наредба на директорот на БЈБ, обвинетиот Митко Чавков било одземањето на дисковите со снимките од безбедносните камери во Собранието, потврди собраниската полицајка Александра Богоевска – Крстановска, кај која бил клучот од мониторинг-собата во Собранието.
„По наредба на мојот претпоставен, началникот на внатрешното обезбедување по 17 часот ја затворив влезната врата што гледа кон Домот на АРМ и ставив греди. По некое време мојот претпоставен началникот Александар Јанковиќ го донесоа повреден во собраниската амбуланта. Останав сама на работното место, сите колеги беа во прес-салата кај повредените пратеници”, сведочеше Богоевска-Крстановска.
Во 20.50 часот и се јавил колегата Горан Пешков, и ѝ кажал дека има усна наредба одначалникот на обезбедувањето на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски Леви, да пушти во мониторинг-собата двајца колеги од УБК.
„Дојдоа двајцата со уште двајца колеги од МВР во придружба. Колегата Сашо Марковски ми рече да отворам, така било договорено со Горан. Им кажав дека без наредба на мојот претпоставен Јанковиќ, кој беше неконтактибилен, повреден, не ја отворам простиријата“, рече сведокот.
По ова Крстановска му свртела на сега обвинетиот Горан Ѓошевски Леви.
„Ми кажа да ја отворам просторијата и да ги пуштам двајцата колеги во контролната соба. Ми кажа дека колегите се дојдени за поефикасна евакуација на повредените пратеници и дека наредбата е од директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Во услови кога началникот на сектор беше на одмор, началникот на одделение на одмор, мојот претпоставен неконтактибилен, а Горан Ѓошевски авторитетен, бидејќи 10 години беше на чело на обезбедувањето на вториот човек во државата, ја отворив мониторинг-просторијата. Сашо Марковски и Оливер Радулов влегоа. Се задржаа 10 минути и излегоа”, сведочеше полицајката.
Марковски и Радулов се обвинети за помагање за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Васко Маглешов