„Нашиот директор има поддршка“, со овие зборови Александра Котели од Пазарниот инспекторат во име на сите вработени го најави потпишувањето на петицијата за стопирање на најавата за разрешување на директорот Стојко Пауновски, која попладнево дојде од премиерот Зоран Заев. Таа најави дека колегите од цела Македонија се упатуваат кон Скопје. Зад Пауновски, според Котели, стои и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани. Ако, сепак, Заев не ги послуша вработените во Пазарниот инспекторат и го разреши Пауновски, тоа за нив претставува неправда кон институцијата.
„Сите пазарни инспектори и вработени во оваа институција се кадровски добро потковани. Сметаме дека за еден инспектор да биде добар му треба подолго време. Ова е теренска, а не канцелариска работа. Ние она што го бараме е да бидат вработени кадровски административни службеници. Сметаме дека секој понуден што беше во таа програма, која е клучна и спорна во овој момент за разрешување, е дека секој вработен би се нашол во институција во согласност со неговото образование. Ние никогаш не сме дале отпор да не се вработат. Кај нас има посебни и општи услови како стекнува еден инспектор лиценца за работа и тоа е целата поента. Ние една и пол година сме на терен 24/7 и се грижиме за здравјето на населението во овој најтежок период за државата, како економски, семеен, секаков. Сметаме дека добра кадровска екипираност ни е многу потребна“, вели Александра Котели во името на сите вработени во Пазарниот инспекторат.
Котели вели дека Пауновски за три години обезбедил услови за работа, ги издигнал квалитетот и реномето на институцијата на многу попрофесионално ниво, нешто што ќе остане и за сите идни вработени.
„Во историјата на работењето на Државниот пазарен инспекторат не се случило да постои директор со толку кадарен, морален, личен и етички капацитет. Условите што ги обезбеди за вработените и за работењето на Инспекторатот во само три години од неговиот мандат се услови што ќе ги користат вработените уште многу години во иднина. Од набавка на возила до комплетна реконструкција на речиси сите подрачни одделенија, како и зголемување на бројот на инспектори во однос на административниот кадар. Квалитетот на работењето и реномето го издигна на многу повисоко и попрофисонално ниво, на што укажуваат и остварените резултати. Она што сега се случува во Пазарниот инспекторат на територијата на целата држава и сите подрачни единици е потпишување петиција за прием кај премиерот, со цел отповикување на неговата најава за разрешување на директорот. Доаѓаат колегите од цела Македонија. Буквално, цела држава. Од Охрид, Дебар, Струга, Тетово, Кичево, буквално од сите градови“, додава Котели во името на сите вработени.