Новите бунари со вода за пиење кои забрзано се изведуваат покрај постојниот бунар кај Вардар во регионот на Мрзенци наскоро ќе го комплетираат новиот водоснабдителен систем кој ќе биде дел од Регионалниот водовод на општина Гевгелија, информираа надлежните општински служби.
– Едниот бунар веќе е издупчен и во тек е вградување на опремата во него, а изведбата на вториот ќе почне веднаш по трасирањето на патот. Двата бунари кои според претходно извршените истражувања треба да обезбедат нови поквалитетни количини на вода за пиење треба да бидат готови до крајот на април, велат изведувачите на работите од скопската фирма „Карпош“.
Откако ќе бидат комплетно готови бунарите ќе бидат приклучени во новиот водоснабдителен систем, кој треба да профункционира до јуни годинава. Изведувачите од бугарската фирма „Хидрострој“ потврдија дека резервоарот, потисниот цевковод и хлорната станица на системот се речиси готови.
Бунарите кај Мрзенци се градат со доделениот грант од 8,1 милион денари од Европската инвестициска банка кој се реализира преку Министерството за транспорт и врски на Република Македонија.