Буџетот за 2018 година на владина седница

Од:

Подготвениот предлог буџет за 2018 година од страна на Министерството за финансии, денеска ќе биде на дневен ред на седница на Владата која е закажана за доцна попладнево.

Предлогот буџетот за 2018 година е проектиран на 211,7 милијарди денари или 3,44 милијарди евра. Приходите се планирани на 193,5 милијарди, а буџетскиот дефицит на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП. За капитални расходи се предвидени 24,7 милијарди денари, а во предложениот буџет има средства и за повисоки плати во образованието, здравството, како и за зголемување на пензиите, односно нивно усогласување со трошоците на живот.

Најголем дел од расходите се наменети за пензии, социјална и детска заштита со 32 отсто од вкупните расходи, 19 процнети се наменети за економски развој и финансиски работи, 14 отсто за здравство, 11 проценти за образование, наука и спорт, по пет проценти за градежништво, транспорт, комуникација и екологија, земјоделство и јавен ред и безбедност, три проценти за одбрана, по два отсто за надворешни работи и ЕУ интеграција и култура, и по еден отсто за судство и регионален развој.

Платите се проектирани на 27,1 милијарди денари и има раст од 460 милиони денари заради повисоките плати за сите припадници на АРМ, нови вработувања во детските градинки, како и зголемувањето на платите во здравството, образованието и во градинките за пет проценти кое е планирано со септемвриската плата во 2018 година.

Кај капиталните расходи е планиран раст од 1,3 милијарди денари повеќе во однос на ребалансот од 2017 година. Министерот рече дека е планирано интезивирање на сите активности на патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетската инфраструктура, инвестиции во здравството, образованието и детската заштита, а особено се зголемени средствата за одбрана и гасификација.

За стоки и услуги се предвидени 17,2 милијарди денари и тие се пониски за 420 милиони денари односно за 2,4 проценти во однос на проектираното за 2017 година.

Со Предлог-буџетот за 2018 година се предвидува зголемување на акцизата за нафтата за три денари од што очекуваниот ефект ќе изнесува 1,6 милијарди денари, а од ДДВ-то 350 милиони денари и со тоа ќе има дополнителни приходи за Јавното претпријатие за државни патишта.

Предлог-буџетот за наредната година првпат од осамостојувањето е претставен во јавноста пред да биде испратен на усвојување во Владата а потоа и до Собранието. Беше организирана и јавна дебата со премиерот Зоран Заев, министерот за финансии Драган Тевдовски и експерти, а беа поканети и претставници од опозицијата кои одлучија да не учествуваат. Предлог-буџетот беше претставен и пред синдикатите, стопанските комори и невладиниот сектор.

Би можело да ве интересира

Владата одлучи: Се забранува за движење на територија на депонијата „Вардариште”

Горан Наумовски

Османи: Владата предводена од Мицкоски сака да ги врати Албанците на нивните периферни позиции од пред Рамковниот договор

Горан Наумовски

Мицкоски: Веднаш по изборите ќе има реконструкција на Владата

Митева: ДУИ кога e на власт работи на еден начин, а кога е во опозиција бара нешто друго

Левица: Додека со донации се лечат повредените од Кочани – владата на ДПМНЕ троши милиони за кафе и ЕКСПО 2027

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Јанковиќ: Молк во Владата по објавувањето на скандалот со милионските проневери во Еразмус+