Спасителите на струшките плажи годинава имале четири посериозни интервенции, но не изостанале и секојдневните реакции за исекотини, гребаници и слично, информира секретарот на Црвениот крст во Струга, Адуриме Даути.
– Бројот на интервенции годинава е идентичен со минатата кога беа спасени тројца давеници меѓу кои и бремена жена. Благодарение на брзата интервенција на спасителите од Црвениот крст – Струга годинава на струшкото крајбрежје не дојде до несреќен случај со трагични последици, рече Даути.
Најголемиот број интервенции на струшката ривиера, според неа, се во текот на август, кога на плажата „Версус“ спасителите интервенирале кај 15 годишно момче кое се давело. Давеник бил спасен и кај „Женска плажа“ каде лице при скок од педалинка се здобил со повреда на рбетот, а на овој потег имало интервенција и кај човек каснат од оса, кој со алергиска реакција веднаш бил префрлен во болница. Во јули било спасено дете со повреда на главата на базенот во хотел „Дрим“.
– По пружената помош лицата се транспортирани со возило на брзата помош во Струшката болница. Секојдневните интервенции од типот на гребнатини и исекотини, кои се случуваа на сите плажи беа санирани од страна на спасителите на Црвениот крст, изјави Даути.
Најголем дел од концесионерите на струшките плажи и годинава во соработка со Црвениот крст обезбедија тринаесет спасители на вода, чија обврска беше во текот на целиот ден да бидат присутни и да се грижат за безбедноста на капачите. Црвениот крст од Струга на стартот на туристичката сезона апелирше концесионерите на плажите да ги обезбедат потребните спасители со цел безбедност на капачите и подигање на угледот на градот кај туристите.