Бруцелозата под контрола, од идната година задолжителна вакцинација против син јазик

Од:

Од 2021 година вакцинацијата против болеста син јазик кај овците, козите и говедата ќе биде задолжителна, на трошок на одгледувачите, и ќе претставува услов за добивање субвенциии. Бруцелозата е ставена под контрола, а чума кај малите преживари нема поради што земјава и официјално достави барање за добивање меѓународно признат статус „слободна“ од оваа зооноза.

Како што соопшти денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, во тек е подготовка на новата Програма за здравствена заштита на животните, а и земјава е поделена на вкупно осум региони за полесно следење на болестите и нивно сузбивање.

-По 2015 година во нашата земја повторно се појави син јазик во јули годинава, во одгледувалишта во Македонски Брод и Кичево, каде веднаш беа преземени мерки за забрана на движење на животни и убивање на оние што имаа изразени клинички симптоми. Од јули до сега присуство на болеста е пријавено кај 452 фарми со вкупно 105.724 овци и кози. Врз основа на земените мостри, болеста е потврдена кај 3.381 грло, а угинати се 1.787, рече Атанасов по посетата на овчарската фарма во скопското село Орланци.

Болеста ја има и во девет одгледувалишта со вкупно 770 грла, но засега е потврдена кај десет животни, а угинати се три.

Според Атанасов, се размислува за обесштетување на сточарите, но дали оваа мерка ќе биде прифатена треба да одлучи Министерството за земјоделство.

-Опција е да се разгледа дали ќе има обесштетување за угинатите јагниња и овци. Ако државата одлучи да донесе таква мерка, АХВ ги има потребните податоците согласно кои би се спровело обесштетувањето. Пред десет дена имавме состанок во МЗШВ, разгобатравме за овој проблем. Но, пракса во светот е сточарите да бидат одговорни и на сопствен трошок да вршат вакцинација за да ги заштитат животните. Затоа, од идната година вакцинацијата против син јазик ќе биде задолжителна, на трошок на одгледувачите, и ќе претставува услов за добивање субвенциии, напомена директорот.

Син јазик има и во регионот: во Косово, Албанија и Грција, но болеста е потврдена и во Романија. Се работи, истакна Атанасов, за истиот серотип како во 2014 година. Борбата мора да биде заедничка, на ниво на регинот и пошироко, а не на ниво на секоја држава одделно зашто во прашање е вирус кој се пренесува преку инсекти.

Во однос на бруцелозата, Атанасов информира дека бројката на заболени животни е драстично намалена. Блиску сме до добивањето статус „слободна земја“ од оваа болест.

-Во споредба со минатата година кога беа евидентирани 1.906 позитивни овци и кози во 198 одгледувалишта, годинава бројот е 959 грла и 52 одгледувалишта од вкупно 6.131. Според Инситутот за јавно здравје, пак, годинава само едно лице имало бруцелоза за разлика од лани кога болеста била потврдена кај 14, а во 2018 година кај 11 лица, истакна Атанасов.

Ретестирања, дополни, ќе има и следната година. Ќе се ревидира повторно и Програмата за земјава побрзо да го добие статусот „слободна“ од бруцелоза.

-Ја поделивме државата на осум региони. Во источниот, југоисточниот и северозападниот нема бруцелоза, во североисточниот и скопскиот има во по само едно одгледувалиште. Главен проблем се Прилепско, Долнени и Полошкиот регион каде е регистриран најголемиот број позитивни случаи. Се надевам дека од 2022 година ќе престанеме да вакцинираме, само ќе го направиме ретестот и официјално ќе побараме добивање статус „слободни“ од оваа болест, нагласи директорот.

Тој очекува идната година да добиеме меѓународно признат статус дека сме слободни од болеста чума кај малите преживари.

-До Светската организација за здравствена заштита на животните испративме досие за добивање ваков статус. Завчера ја добивме потврдата дека досието е примено. Се надеваме дека на Генералното собрание во мај 2021 година ќе добиме статус „слободни“ од оваа болест. Ова е важно зашто полесно ќе тргвуваме со живи животни и производи од животинско потекло. Воедно, со тоа се докажува и дека одговорните институции во државата се подготвени и можат да гарантираат дека малите преживари немаат чума, истакна Атанасов.

Кадри Џевад, сопственик на фармата во Орланци, рече дека бројот на овците во континуитет опаѓа. Овчари тешко се наоѓаат и речиси нема, а многу слаб е и пласманот.

-Моето стадо брои 570 овци, сопственик сум и на пасиштава од вкупно 23,5 хектатри. Овци чувам веќе 20 години и болест моментно немаме. Работници нема, морам сам да се грижам. Тешко е и мислам дека сточарството полека се губи. Откуп на јагне нема, немаше ниту за Велигден, ниту за Божиќ. Никој не сака. Женските грла ги чувам и ги множам за што добивам субвенции. Кога би имал работници, би чувал и повеќе. Платата на добар овчар, што знае да молзи и добро да ги чува овците, е 600 – 700 евра, но такви нема, изјави Џевад.

Според него, цената на јагнешкото треба да биде 190 – 210 денари за килограм жива мера. Се под тоа, рече, не може да ги покрие производните трошоци.

Џевад е задоволен од работата на ветеринарните служби. Вели, тие се борат со сточарите заедно, до крај иако некогаш немаат „рачун“. Ќе продолжи да вложува и во објекти, сé од, како што нагласи, сопствен џеб.

Би можело да ве интересира

Уништени 50 килограми небезбедна храна во Крива Паланка

Регистриран нов случај на птичји грип кај угината гуска во скопско Злокуќани

Вонредни контроли на скопски „бувљак“, уништени околу 100 килограми небезбедни чипсови, чоколадни бонбони, наполитанки, конзерви,…

Во бомбици послужени во „Ѓорѓија Пулевски“ пронајдени бактерии

АХВ: Водата во Струмица не е за пиење, има манган и колиформни бактерии

Горан Наумовски

АХВ: Три ресторани и месарница во Кавадарци пласирале небезбедна храна

Горан Наумовски